„Домашно правење сирење“ на Керол сега го доживува четвртото издание и е бестселер во својот жанр со продадени над 170.000 копии. Голема реклама за Керол, која денес ја нарекуваат „кралица на сирењето“, било тоа што познатата Ени Пру (авторка на книгата „Броукбек маунтин“ според која е правен филмот) го поминала курсот за правење сирење кај Рики и сугерирала дека таа едноставно мора да објави книга со рецепти.
Но новата книга, на 121 страница, е наменета пред сè за децата, а Рики ја има напишано заедно со ќерката Сара. Под наслов Say Cheese, таа е наменета за забава но и образование на децата за начинот на нивната исхрана. Иако е напишана на едноставен начин тоа не значи дека не се запазени сите значајни елементи. Кога се прави сирење се работи со „живи култури“, и фактот дека постојат и добри бактерии кои се традиционален дел од добрата исхрана е еден од најважните причини зошто е напишана книгата.
„Како Американци јадеме големи количества мртва храна, на сите нивоа. Доколку во храната нема живи бактерии си ги убиваме имунитетните системи. Не ги внесуваме локалните бактерии кои биле внесувани со векови. Денес е тешко да купиш дури и суѓер што не е антибактериски и тоа не е добро. Нашиот свет е толку антисептичен“, вели авторката.
Керол има четиригодишна внука која знае да прави сирење, и две кози, Мери-Лу и Дина од кои произлегло стадо од 15 животни. Многу бргу не знаеле што да прават со толку млеко па почнале да експериментираат со сирења. За повеќето од рецептите во книгата е потребно учество и на возрасен, а таа содржи и четири сетови налепници за децата да си ги одбележат сирењата кога ќе бидат готови и земјите од кои тие традиционално потекнуваат.
И секогаш кога ќе видиме ваков убав пример за ангажирање на децата си велиме - а да му текне на некој наш издавач да направи слично, со галички и беровски рецепти?