Познатата канадска авторка Маргарет Атвуд, добитничка на Букер, е првата учесничка во проектот „Идна библиотека" (Future Library). Идејата е во неа да се соберат 100 специјално напишани дела, и истите да се објават дури во - 2114!
Авторка на проектот е младата шкотска уметница Кети Патерсон, која ова лето на имот близу Осло засади 1.000 дрвца. Тие во следниот век би требало доволно да пораснат за да ја обезбедат хартијата за сите сто книги, кои ќе бидат објавувани по една годишно.
„Ова е како кога во детството си закопувавме предмети во дворот, надевајќи се дека некој во иднина ќе ги пронајде и ќе се прашува кој ли ја ставил таму таа ќесичка со џамлии", изјавила Атвуд, возбудена што е дел од замислената иднина. Таа веќе го пишува делото, за кое е обврзана ништо да не открива. Сепак претпоставува дека за сто години на луѓето ќе им треба палео-антрополог за да им преведе некои од зборовите, бидејќи јазикот сигурно ќе се промени, можеби не толку колку што се сменил од 1400-та до денес, но сепак доволно за некои термини и концепти да не бидат разбирливи.
Делото на Атвуд ќе биде чувано во специјално дизајнирана просторија во јавна библиотека која ќе се отвори во 2018 во Осло. Дел од ентериерот е токму дрвото од шумата, но без ракописите, кои допрва треба да бидат напишани. Секоја година одборот на Идната библиотека, составен од книжевници и од Патерсон, додека е жива, ќе номинира друг писател кој ќе додели свое дело во збирката. Одборот е истовремено одговорен и за одржливоста на шумата и за објавување на книгата, за што во библиотеката ќе се чува и посебна печатарска преса, за во случај во меѓувреме да исчезне сета технологија на печатење на хартија. Посебна архивска хартија е обезбедена и за самите ракописи, за и оригиналите да бидат што е можно позаштитени.
Целата идеја е прекрасна бидејќи потсетува на минливоста, но и на фактот дека она што ја победува смртта е тоа што го оставаме зад нас. Во форма на дело и на добра мисла за иднината.
Повеќе за проектот тука
Промотивното клипче