Ќе се снима филм за суфи поетот Руми, а него ќе го игра белец од Холивуд

Дејвид Франзони, авторот на сценариото за „Гладијатор" со Расел Кроу, и продуцентот Стивен Џоел Браун, изјавиле дека сакаат да го деконструираат стереотипното портретирање на исламските карактери во западната кинематографија. Како? Со тоа што Руми во нивниот иден проект ќе го игра - та-нааа - Леонардо ди Каприо!

Џалал ад-Дин Мухамед Руми, познат и како Мевлана („наш господар"), бил персиски поет, теолог и суфи мистик од 13 вековна Персија. Неговото духовно наследство сепак ги надминува националните граници, а неговите песни, кои се сметаат за едни од најдобрите на сите времиња, се преведени на голем број јазици, меѓу кои и на македонски (во препев од српски на Верица Андреевска Спасовиќ, а во издание на Амбасадата на Иран во Македонија, 2014 - за жал ја нема по книжарници). Во САД неговите книги се продаваат во милиони примероци годишно и тој е и официјално најчитаниот поет во Америка.

Суфи учителот, кој во младоста има избегано од неговото родно место во денешен Авганистан во текот на инвазијата на Монголите, со семејството патувал преку Багдад, Мека и Дамаск, пред да се насели во Конја, денешна Турција, каде умрел во длабока старост.

Средбата која му го променила животот, со дервишот-талкач Шемс од Табриз, се верува дека се случила во 1244. Неколку години подоцна Шемс исчезнал (има претпоставки дека бил убиен), а љубовта на Руми кон него како кон духовен учител е отсликана во голем број песни - всушност повеќе од 3,000. Верувал во употребата на музиката, поезијата и танцот како пат кон Бога.

Знаејќи го сето ова, на холивудските филмаџии некако најсоодветен за улогата им бил токму Лео, а за работата да изгледа уште понеобична, неговиот духовен татко Шамс ќе го игра - Роберт Дауни Џуниор.

По објавата социјалните мрежи експлодираа, а реакциите главно се однесуваа на тоа што се работи за бели актери, што секако нема да биде прв пат белци да играат славна блискоисточна фигура. 

Но и не е само до „белоста“. Руми е едноставно историски и духовно толку голема фигура, што неговите почитувачи го доживуваат неговото можно толкување од страна на Ди Каприо (или кој и да е американски глумец од тој тип) како чиста навреда. Изборот на соодветен актер за која и да е улога е секогаш важен момент, но во овој случај некој навистина не се исконсултирал како што треба. Можеби холивудски филм за Руми никогаш и не треба да биде снимен, бидејќи е однапред осуден на уповршнување и вулгаризирање на сета таа мистика, која капе од неговите стихови, рака под рака со описите на сосема приземната убавина на виното и на телесното задоволство, кои се всушност изворот на истата таа мистика.

КУЌА ЗА ГОСТИ

Да се биде човек е како да си куќа за гости.
Секое утро доаѓа некој нов.
Радост, потиштеност, подлост,
понекоја минлива свесност стигнува
како неочекуван гостин.
Сите срдечно пречекај ги и нагости ги!
Дури и ако се толпа
која насилно ќе ти ја однесе сета покуќнина,
сепак секого достојно почести го.
Можеби ќе те одере до гола кожа
поради некое непознато задоволство.
Мрачната помисла, понижувањето, злобата
- дочекај ги на вратата со насмевка,
и покани ги да влезат.
Биди благодарен за било чие пристигнување,
зашто секој од нив е пратен
како водич од онаа страна.

(препев Верица Андреевска - Спасовиќ) 

8 јуни 2016 - 16:38