„Кинезерија“ (Шиноазери) можеби звучи како облик на физиотерапија или на потсмешлив збор за нешто кинеско. Всушност, станува збор за мода која ја зафатила Европа во 17 век - аристократска европска фантазија за луксузен источен дизајн, која всушност нема речиси ништо заедничко со реалните архитектонски и ентериерни стилови на Азија.
Измислен во Европа, базиран на одреден перцепции на азиската култура во тоа време, или „како мали Луј замислува кинеска палата“, овој стил бил „измислен“ токму од еден Луј, и тоа 14-ти, францускиот крал кој во 1670 бил среде љубовна врска со Мадам де Монтеспан. За да си обезбеди приватност тој морал да се тргне од Версај, на место кое било лесно достапно но каде би можеле да влезат само оние поканетите. Резултатот бил тн. Трианон де порселан, објект составен од пет павиљони во азиски стил (слика горе), инспирирани од постоечка порцеланска кула во Нанџинг.
И покрај сите вложени средства и увозот на порцелан од холандскиот Делфт, кој требало да го имитира кинескиот, објектот не траел повеќе од 20 години. „Наследничката“ на Мадам де Монтеспан, поранешната гувернанта на нејзините деца, маркизата де Ментон, го замолила Луј да го сруши и на негово место да изгради нешто друго, бидејќи внатре било „премногу студено“. Нејзиниот љубовник ја послушал, но тоа не значи дека модата запрела.
Подемот на трговијата со чај помеѓу Кина и Западот обезбедил пристап до кинескиот порцелан, текстил и други занаетчиски производи, кои инспирирале западни имитации и ја замаглувале границата помеѓу кинезеријата и рококо-то.
Оваа мешавина е очигледна во големата Кинеска куќа на Фредерик Велики во Потсдам, на чиј врв стои скулптура опишана како мешавина на грчкиот бог Хермес и кинескиот филозоф Конфучие. Сепак, и тука имало симболи кои од денешна перспектива можат да се толкуваат како иронични. Архитектот Карл фон Гонтрард на фигурата ѝ ставил чадор, азиски симбол за висок статус, која таа ја држи во насока на исток. Така, славниот ex oriente lux или мудрата светлина од Далечниот исток е блокирана од чадорот. Фреските во куполата главно претставуваат мајмуни и папагали, а тие како што знаеме се големи имитатори. Пораката е веројатно дека истото важи и за европските владетели кога со своите пари сакаат да го постигнат рафинираниот ефект на азиските достигнувања, а притоа создаваат кич.