Во полово сегрегираниот свет на традиционална Кина, девојките и жените немале иста можност за образование како мажите, а повеќето луѓе (и мажи и жени) биле неписмени. Освен тоа, откако според обичајот ќе им ги врзеле стапалата на седумгодишна возраст, девојчињата живееле исклучиво дома, најпрвин во „женските соби“ на нивните сопствени домови, а потоа во куќата на мажот.
За да си ја олеснат изолацијата и за да си дадат поддршка, девојките од едно исто село правеле дружини „посестрими“, пријателства кои траеле до нивните свадби. Постоеле и случаи на формирање уште посериозни врски помеѓу две девојки, кои биле воспоставувани со стројник, и кои траеле доживотно, доколку парот споделувал доволен број слични или исти карактеристики (на пример ако се родени на ист ден). Целта на ова здружување кое се правело доброволно била емоционална поддршка која жените често не можеле да ја очекуваат во бракот, кој бил наметнуван од семејствата, а не правен по личен избор.
Откако ќе се омажеле, девојките продолжувале со комуникацијата преку писма, напишани на „нушу“, писмо, за кое мажите знаеле дека постои, но не покажувале интерес да го научат, сметајќи дека тоа е невина „женска работа“. Составено од 600-700 карактери кои преставуваат слогови, тоа е опишано како „најреволуционерното и најдетално поедноставување на кинеските знаци“, многу поефикасно за комуникација, како и за запишување не само на хартија (која понекогаш била недостапна), туку и на ткаенина и ладала. Особено биле популарни „книгите на третиот ден“, вкоричени записи на платно кое невестите го добивале на третиот ден по нивната свадба, некој вид споменар од другарките и женската страна на семејството, кој содржел и честитки но и жалење за крајот на девојчинството. Така, со помош на нушу, жените си обезбедиле не само безбеден начин за изразување на своите маки и чувства во паралелен свет недопрен од машката доминација, туку и за меѓусебно вмрежување и поддршка. На нушу се напишани бројни автобиографии, поетски збирки и приказни кои се извор за проучување на ова писмо од страна на лингвистите.
Приказната за ова писмо стана особено популарна откако кинеско-американската авторка Лиза Си (Lisa See), пишувајќи статија за врзувањето стапала дошла до податок за ова „женско писмо“. Тоа ја инспирирало да напише и цел роман на оваа тема, „Снежниот цвет и тајното ладало“, кој во 2011 беше преточен во филм од страна на сопругата на Руперт Мурдок, Венди Динг.