
Во декември минатата година излегува збирката есеи „Хипнократија“ од италијанската издавачка куќа Тлон. Таа е опишана како „клучна книга за разбирање на тоа како денешната моќ не потиснува, туку размножува наративи, правејќи го невозможно да најдеме фиксна потпора во реалноста“.
Во описите се тврди дека авторот, Џијанвеи Ксун, е „филозоф роден во Хонг Конг, со седиште во Берлин“ кој „ги разобличува механизмите преку кои политичките и технолошките лидери - од Доналд Трамп до Илон Маск - ја обликуваат нашата перцепција“.
Во април, новинарка од италијанскиот весник Л'Еспресо се обидува да направи интервју со Ксун, но не успева. Едноставната причина е тоа што тој - не постои. Ксун е „сениште-мислител“ (ghost thinker) создаден преку вештачка интелигенција, а не реална личност. Италијанскиот филозоф Андреа Коламедичи, кој во книгата се појавува само како „преведувач“, всушност е човекот што го оркестрирал целиот проект.
Концептите во книгата биле генерирани, проширувани и парадоксално – критички анализирани – со помош на две различни ВИ платформи, при што Коламедичи ги насочувал, дообликувал и поврзувал нивните резултати. Во детално интервју за WIRED тој објаснува дека книгата е перформанс, не само текст:
„Сакав да поттикнам свест за тоа како функционира ВИ, да измислам нов концепт што ќе му одговара на ова време. Хипнократија не е обична книга – таа е филозофски експеримент, дизајнирана како огледало за нашата неспособност да лоцираме ‘тврд’ факт во дигиталната ера.“
Тој додава дека реакцијата – шок, разочарување, па и бес – била дел од планираната лекција:
„Кога читателите дознаа дека книгата е ко-креирана со ВИ, многумина од нив се почувствуваа изневерени. Жал ми е, но тоа беше неопходно. Треба да сфатиме дека секој од нас гради наративи; ако ние не го правиме тоа свесно, радикалната десница ќе ја усвои таа моќ и ќе ги создаде митовите место нас.“
Делото во моментов е издадено на италијански, француски и шпански, а во подготовка се и други преводи. Продажбата можеби не е како за бестселер, но книгата, до откривањето на нејзиниот автор, беше цитирана на значајни собири на теоретичари од различни области. Терминот опишува состојба во која моќта не владее со цензура, туку со хипер-продукција на верзии на вистина. Соодветно на дигиталната реалност која флуктуира, секој се наоѓа во постојан процес на убедување и контра-убедување, а фиксните точки исчезнуваат.
Критичарите тврдат дека намерното прикривање на ВИ-соработката е проблематично – особено поради новиот Европски акт за вештачка интелигенција (усвоен декември 2023, финално одобрен март 2024), кој бара јасно обележување на содржини создадени или ко-создадени со ВИ. Коламедичи се брани дека „оставил траги“ во текстот – пример: првото поглавје опишува фиктивен берлински експеримент каде истражувачи измислуваат автор и се пробиваат во културниот мејнстрим, односно книгата самореферентно ја демонстрира својата теза.
Тој категорично негира комерцијална мотивација: „Ако на корицата стоеше моето име, ќе се продадеше повеќе, но ќе предизвикаше далеку помалку размислување.“
Некои филозофи го поздравуваат проектот како храбар начин да се демонстрира маглата на постфактулноста. Други го осудуваат како етички некоректен и контрапродуктивен токму затоа што ја засилува недовербата во интелектуалните извори.
Издавачот на шпанското издание најави дека новите тиражи ќе содржат објаснувачки дел за процесот на создавање и „мешаниот идентитет“ зад името Џијанвеи Ксун.