Алан Гринспан е познат економист, кој во 1986 беше назначен за раководител на Федералните резерви од страна на тогашниот претседател Роналд Реган. Истата работа ја вршеше и во следните дваесет години, до пензионирањето, под уште четворица претседатели. Роден 1926, тој претходно имал и успешна кариера на Вол стрит, а бил близок со писателката и филозоф Ајн Ранд и нејзините ставови околу „етичкиот егоизам“ или животот како остварување на личниот интерес.
Што може овој човек да има заедничко со Мишел Уелбек, наградуваното лошо момче на француската литература? Контроверзен либерал, неодговорен нихилист, тој не може да биде подалеку од каква и да е капиталистичка идеологија која длабоко ја презира, а од која Гринспан фино се офајди. Епа има - наслов на книга.
Минатиот вторник Penguin Press ја објави „Мапата и територијата" од Алан Гринспан. Во 2012 Knopf ja објави „Мапата и територијата" (кај нас преведена како „Мапата и просторот") од Мишел Уелбек.
Ова си е во ред, затоа што насловите на книгите не подлежат на авторски права. Но не е препорачливо, затоа што купувачите можат да се збунат. Особено во овие два случаја - романот на Уелбек се однесува на асоцијален фотограф и писател по име...Мишел Уелбек...и се занимава со темите на изолација, грозни убиства и смрт. Од друга страна, истоимената книга на Гринспан е, како што се очекува, од областа на економијата, и се однесува на ризиците, економското предвидување, и како работите можат да тргнат на лошо во оваа смисла. Поднасловот на книгата е „Ризик, човечка природа и иднината на предвидувањето", и според издавачот ја интегрира историјата на економското предвидување со новите истражувања на бихејвиоралните економисти, како и со искуството на самиот автор.
Очигледно обајцата биле инспирирани од познатиот семантичар Алфред Коржибски и неговата славна изрека дека мапата не е исто што и територијата, која сака да каже дека моделите на реалноста не треба (а и не може) да се третираат како замена за истата таа реалност. Како што мапите кои ги изработува фотографот во романот на Уелбек не му помагаат да се снајде во неговата реална, животна територија, така и Гринспан веројатно сака да каже дека она што важи како теорија во економијата, па и во областа на предвидувањето на ризиците, излегува сосема поинаку во секојдневието. Иста изрека, две слични значења, но два сосема различни контексти.
Секако, оваа идеја постоела во уметноста и во науката и пред Коржибски. Еден од најхумористичните примери е оној од „Силви и Бруно заклучија" (1893) последниот роман на Луис Керол, авторот на „Алиса во земјата на чудата". Во книгата ликовите изработуваат фиктивна мапа, чиј размер е „милја за милја". Откако имаат проблем да се снајдат со неа, еден од ликовите вели „сега ја користиме самата земја, како нејзина сопствена мапа, и ве уверувам, тоа функционира речиси исто толку добро".