Пријател на Волтер во 1751 изјавил: „Нашиот голем поет засекогаш е со една нога на Парнас, а со другата на улицата Кенкампоа". Улицата за којашто стаува збор била парискиот пандан на Вол Стрит во 18 век, а најпознатиот француски писател од тоа време имал „њух", а богами и доволно пари, за инвестиции. Парите ниту му биле заработени, ниту наследени, туку се должеле на неколку добивки на лотарија.
Игрите на среќа биле многу популарни во 18 век, кога заради големата криза од 1719 кога Франција речиси го допрела финансиското дно. Државата морала да воведе мерки на штедење, и како што обично бива, со зголемувањето на даноците и на сиромаштијата се зголемила надежта во „добрата среќа", која ја нудела лотаријата.
Опседнатоста со лотаријата всушност почнала порано, во 1694 (годината на раѓање на Волтер), кога англискиот парламент воспоставил лотарија за да собере милион фунти за државниот трезор. Откако биле објавени првите добитниците, лудилото почнало да се шири и низ Европа. Една од лотариските верзии се состоела во купување празно ливче со број, на кое учесниците го пишувале нивното име и некаков краток текст (најчесто мудра изрека, молитва или сл.). Тикетите потоа биле официјално регистрирани и ставани во кутија (најчесто метална урна или кожна вреќа), додека во друга имало ист број ливчиња кои или биле празни, или со одредена сума пари. Најчесто дете (како симбол на невиност), со врзани очи како Фортуна, извлекувало еден тикет од едната и еден од другата кутија, а официјално лице објавувало дали ливчето е добитно или не. Ова можело да биде и долг процес - едно такво извлекување во Хамбург во 1612 траело дури осум недели.
Историјата на лотариските игри во Франција почнала уште во 16 век, но кулминацијата ја достигнала во осумнаесетиот, кога на овој начин било стимулирано купување државни обврзници. „Обврзничарите" можеле да купат ливче во вредност пропорционално на вредноста на обврзниците кои ги купиле - за секои илјади ливри или франци билет се добивал за една ливра или франк, за десет илијади за десет итн. Ако тикетот добиел на лотарија носителот можел да биде платен 85% од вредноста на неговата или нејзината обврзница - 15% останувало за трошоци и за следното извлекување.
На Волтер овие правила му фатиле око. На една забава тој го дискутирал целиот процес со младиот математичар Шарл-Мари де ла Кондамин (на сликата горе лево). Главното прашање било - што ако се купат сите тикети за одредено извлекување веднаш штом се пуштат во продажба? Тоа би било премногу за поединец, но не и за група луѓе. Како се организирале, и како изгледало сето тоа (во смисла на пари и број на тикети) не знаеме, но Волтер успеал во намерата. Во неговата автобиографска „Историски коментар на делата на авторот на Ла Енриаде", објавена три години пред неговата смрт, тој вели:
„Властите ги издадоа тикетите во замена за обврзници, а добитните ливчиња беа исплатени во готовина, така што која и да е група што ги купила сите тикети можеше да добие милион франци. Волтер се здружи со бројна дружина, и доби на лотарија"
Всушност, според сочуваната документација излегува дека Волтер сето ова го направил самиот, преку некаков дил со нотарите задолжени да ги продаваат ливчињата, и изгледа дека не ја платил целосната цена за нив. Според сочуваната архива за извлекувањето од октомври 1729, целата добивка е поделена помеѓу само 13 луѓе (во овој случај бројката не е малерозна), и сите ни се денес познати имиња. Кога властите по некое време сфатиле дека шемата се повторува од извлекување до извлекување, најпрвин ги смениле правилата, а потоа ја укинале лотаријата. Волтер и пријателите сепак не направиле ништо вон законите, само пронашле дупка во нив.
Што се случило со добивките? Ла Кондамин најверојатно го вложил новостекнатото богатство во научни истражувања и патувања поврзани со нив. Едно од нив било во Јужна Америка, заради потврда на теоријата на Њутн дека земјата се сплескува на половите и се „поткрева" на екваторот. Но Волтер не бил толку пожртвуван за науката. Сакал да направи уште пари, па побрзал во Лорен, тогаш полу-независна држава, каде тогашниот војвода се обидувал да добие готовина со издавање локални обврзници.
Но лотаријата била отворена само за родени во таа област, па Волтер морал да смисли некое решение. Неговото семејно презиме Аруе (Arouet), според неговото тврдење, било верзија на Haroue, место во близина на Луневил (главниот град на Лорен). Му поверувале, и му дозволиле да купи педесет обврзници, кои набргу ги продал за три пати поголема цена. Се вратил во Париз, и почнал да инвестира големи суми во високо лукративен бизнис - купопродажба на оружје. Со овој бизнис ќе се занимава и следните дваесет години.
Парите на Волтер му донеле независност и раат да се занимава со филозофија и книжевност. Пишувајќи против режимот, пет години живеел во идилично село во Шампањ, со неговата љубовница, брилијантната научничка Емили ду Шателе, во замок кој припаѓал на семејството на нејзиниот маж, но на кој Волтер од стекнатото богаство изградил цело ново крило, со галерија за нејзините научни инструменти и бања направена според најновите достигнувања од тоа време. Освен со оружје, Волтер инвестирал и во производство на свила и во часовници. Давал и заеми со јаки камати на разни аристократи во криза.
Ваквата храброст за финансиски ризици некои автори ја објаснуваат со тоа што во младоста Волтер бил коцкар. Секако, бил и многу интелигентен, особено кога требало да се прекршуваат одредени правила. „Ако сакаш да се збогатиш во оваа земја, доволно е да ги читаш кралските наредби" велел тој. Со други зборови, ако сакаш да се усреќиш, читај го она што е напишано со мали букви, и сврти го во своја полза.