Во 1998 година буквата Е беше изгласана за „Збор на годината" од страна на Американското здружение за дијалекти. Во образложението беше наведена нејзината улога во формирањето кованици кои ја опишуваат онлајн технологијата во подем, како е-мејл или е-трговија.
Но во 2004 Стујард Батерфилд и Катерина Фејк го направија Flickr, апликација за споделување фотографии, без стандардното Е во flicker (сјаење, треперење). Причината била банална, е-то е исфрлено затоа што доменот Flicker.com бил зафатен. Остатокот од тимот биле за поинакви опции, како Flickerit или FlickerUp, но Фејк успеала да ги убеди да ја баталат Е. Тоа биле добри вести за компанијата, но лоши за буквата - една година подоцна Јаху го купи Фликр за 35 милиони долари.
Наскоро и други компании почнале да го исфрлаат Е-то како нешто отровно. Grindr, Gathr, Pixlr, Readr, Timr, Viewr, Pushr..сите овие се повеќе или помалку масовно користени апликации и дигитални алатки. Врвот е сепак постигнат со блог платформата Tumblr, која се појави во 2007 и според Wire го означи крајот на Е-то.
„Има различни причини зошто во Тumblr нема Е, од брендирање до фактори на животната околина (помалку букви значи помалку потрошена енергија за нашите сервери)", изјавил еден од директорите на компанијата, Кристофер Прајс. „Но на крајот од денот, важно е една, апсолутна вистина - Tumbler.com изгледа е*ано глупо".
Излегува дека секое вадење на Е-то од име на компанија или од урл ја зголемува вредноста во милиони. E-free е новата капиталистичка политика, која ги одделува добрите фирми од останатиот свет, во кој владее наезда од самогласки.
Е е родено во доцниот осми век пред нашата ера во Атина, Грција. Неговиот татко, феникијското Хе, умрел нешто помеѓу 323 п.н.е. и 31 година п.н.е.
Е е наследен од неговите браќа А, И, О и У. Има и неколку сестри, со акценти.