Неодамна во важен кошаркарски натпревар помеѓу Голден стејт вориорс и Оклахома сити тандер, играч на првиот тим, Дремонд Грин, го удрил Стивен Адамс од Тандерсите точно во пенисот и тестисите.
Ова значело дека спортските новинари тој и следните денови требало да пишуваат за гениталии повеќе отколку што тоа го подразбира натпревар во кој нема вакви удари. Кајл Вагнер, уредник за спорт на сајтот fivethrityeight, ги засукал ракавите и направил едно мало, но значајно лингвистичко истражување. Ги прегледал сите онлајн статии во врска со овој натпревар, без оглед дали се од посериозните медиуми или од блогови, правејќи статистика на употребените термини.
Во 96-те истражени текстови, кои содржат нешто повеќе од 50,000 зборови, најчест израз за „тоа" место бил „препони", кој се појавува 148 пати, во наслови, како и под фотографии. Секако „препони" е поширок термин, и може да се однесува на сè над коленото до под појасот. Оттаму, ова се оценува како еуфемизам, односно одбегнување на употреба на поконкретен израз. „Под појасот" се појавува 17 пати, а „ореви" (nuts) 15. Меѓу помалку фрекфентите е „меѓу нозе", а апла „јајца" се јавува само на сајтот Deadspin. Еден единствен текст на Јаху кој се однесува на сите вакви повреди на НБА кошаркари во 2016, чиј автор очигледно бил инспириран, вклучил дури 30 нестандардни изрази, меѓу кои и „Адамовите јаболка".
Kaко стојат работите во нашето спортско новинарство? За жал никој не направил ваква статистика, а спортистите од нашиов сајт велат дека ваквите инциденти обично се опишуваат со „удар на незгодно место". Златко Калински сигурно има(л) попоетски описи, а ако ви текнува некој таков пишете ни. Ве оставаме со видео од еден луд детал на фудбалски меч одигран 1999 помеѓу Србија и Хрватска во Загреб, кога еден од играчите на Србија...ај ќе видите самите. Предупредување: на незгодно место е.