Рекламиран како единствен од ваков вид во Југоисточна Европа, Музејко е изграден по иницијатива на фондацијата „Америка за Бугарија“, а чинел 20 милиони евра. Дизајнот е на американска компанија која специјализира создавање вакви детски центри, во кои најмалите учат низ експерименти, физичка активност и симулација на разни професии, како археолог, геолог, архитект или астронаут.
Зградата има три ката. Подземниот е „минато“, приземјето „сегашност“, а првиот кат „иднина“. Главни области во најдолниот се палеонтологија, геологија и археологија. Може сами да ископувате предмети од земја, со својата тежина да активирате вулкан, со „стригила“ (едно метално, ко срп) да се измиете исто како што тоа го правеле старите Римјани, да играте антички шах, пред огледало да пробувате костими од разни историски епохи или да ископувате руда на начин на кој тоа го правеле древните народи.
„Сегашноста“ е поделена на „природен“ и „конструиран“ свет. Ова е и најсетилниот дел од музејот, во кој постојано ве следат звуци на птици, реки и океани, но и мириси - низ цевчиња може да почувствувате ароми на планински билки и разни видови дрвја и да погледнете низ очила како да се очи на скакулец или на риба. Посебна поставка се посветена на лилјаците, затоа што 33 од 35-те познати типови лилјаци („прилепи“) во Европа можат да се најдат токму во Бугарија. Видео апликација симулира како е да се биде лилјак, детектирајќи ја околината со помош на звуци, или спиејќи со главата надолу.
„Конструираниот“ свет пак го прикажува животот во градовите, градежните материјали, начините на градба кој овозможуваат похуман и поздрав живот (целата зграда на Музејко е енергетски ефикасна - создава своја струја, собира дождовница и се грее со геотермална енергија). Децата можат да управуваат со мал кран, да научат да поминуваат улица на нешто што личи на реална улица со семафор, и самите да се обидат да изградат објект од дрвени блокови. или да тестираат како макети реагираат на земјотрес, од најслаб до најсилен (сите почнуваат да врескаат кога ќе почне да се распаѓа зградата).
Третиот спрат ги содржи најголемите научни и технолошки открија во историјата, со дел во кој самите можете да управувате со ракета како да сте на контролната табла, да засадите и да одгледате растенија во вселената и да го предвидите времето во малата метеролошка станица. Музејот организира и посебни предавања во Планетарумот, а тука може да се слави и роденден.
Ова секако не е нешто невидено во светски рамки. Но човек кој доаѓа од средина во која музеите не асоцираат на игра и љубопитност, во кои артефактите не смеат ни да се допрат, а и кога би било можно не е добра идеја во нив да се ужива со сите сетила (тука пред очи доаѓа обесениот комита и звукот на мршојадците во една од просториите на Музејот на ВМРО), во кои те носат од школо од што мора, а не од што сакаш, ова беше навистина големо освежување. Препорачуваме, а ние следен пат со нас ќе понесеме уште едно дете - она во нас стално си го носиме.
Сајтот на музејот тука, а за оние кои сакаат да го посетат, тој не е баш во Центар ама е лесно достапен со метро.
Илина, Букбокс