Лингвистички сврш

Како се вика „оргазам“ на 27 јазици?

Објавен во списанието Metaphor and Symbol, текст под овој наслов истражува како се концептуализира сексуалниот оргазам во повеќе различни култури, притоа обидувајќи се да понуди идеален когнитивен модел за сексуалната желба - нешто помеѓу доаѓање и заминување, многу живот и малку смрт.

Именувањето на нештата може да крие тајни за тоа како се чувствуваме во врска со нив, на ниво на поединци, но и на ниво на колективи. Ваквото „несвесно“, често искажано низ еуфемизми и игри на зборови, е особено интересно кога станува збор за сексот. Начинот на којшто се опишува сексуалноста кажува многу за тоа каков однос кон неа има заедницата, дали таа е порепресивно или полежерно настроена кон сексуалните практики, кои од нив ги табуизира а кои не, и како замислува дека би изгледал идеалниот сексуален чин.

Зборот „оргазам“ доаѓа од грчкото orgasmos, што значи „возбуда, бабрење“. Иако ваквиот термин не го опишува целото оргазмичко искуство, сепак некои од неговите карактеристики - психолошката возбуда и отекувањето на гениталиите, забрзаната работа на срцето и зголемениот проток на крв - се вклучени во приказната.

Некои јазици имаат поспецифични начини да го зипуваат ова чувство во еден до два зборови. Такви се бенгалскиот со pracanda uttejana (драстична возбуда), ezra shodan (персиски, „задоволство што се случува“) и cực khoái (виетнамски, „екстремно задоволство“).

Но не сите описи на оргазмот се фокусираат на физичките искуства. 24% од јазиците кои биле земени предвид ја користат концептуалната метафора на оргазмот како „врв“. Размислувањето за оргазмите на овој начин, како искачување или цел, ја земаат предвид ориентацијата нагоре како позитивна. Мандаринскиот кинески користи gao chao или „висока плима“ за да го опише оргазмичкиот врв, кој вклучува физички аспекти на течности кои надоаѓаат.

Речиси половина од јазиците (48%) користат изрази како оној во англискиот, I'm coming, или доаѓам. Генерално „доаѓањето“ се однесува на движење кон соговорникот, и повторно евоцира пристигнување на некое место, односно постигнување некаква цел (=пристигнување).

Сепак, има и јазици кои не се занимаваат со траектории и итање кон некого. Французите се познати по нивното le petit mort или „мала смрт“, како еден од оргазмичките описи. Девет други јазици користат изрази како „заминувам“ или „завршувам“/„свршувам“, што подразбира обратна насока од онаа на доаѓање, и повторно асоцира на некакво заокружување на дејството. На јапонски се вели iku или „си одам“, што е истовремено и еуфемизам за смрт. На руски konchayu, или на тагалог Nilabasan na ko значи „свршувам“ или „завршив“.

Кога би имало награда за најпоетски опис на оргазмот таа веројатно би отишла кај чешкиот - Už budu, што значи „ќе бидам“. Можеби е асоцијација на она на Декарт: мислам, значи постојам, но свршувам, значи ќе ме биде.

Нека смртта ви биде мала, а ќефот голем следната година.

Оригиналниот текст тука

26 декември 2017 - 18:09