Каде е времето на едноставните жанровски поделби комедија-драма-трилер-еротика? Нетфликс како филмски сервис е опседнат со придавки, и тоа е особено карактеристично ако загазите во длабокото. Таму има „визуелно впечатливи церебрални експериментални филмови“, „морничави филмови во кои има силна женска улога“ или „критички добро оценети драми за дисфункционални семејства“. Човек лесно се инспирира да смислува свои категории, како „Биографски aкциони солзопредизвикувачи во кои глуми Долф Лунгрен“.
Алгоритамот кој ги создава „кластерите на вкус“ со формираат преку пронаоѓање шеми помеѓу корисници со слични гледачки навики. Кога ќе ви се појави одредена сугестија, тоа е веројатно затоа што друг човек кој го гледал истото што и вие го гледал и ова другото што ви се препорачува. Но алгоритамот е само дел од процесот. Откако ќе го дефинира кластерот, на ред доаѓаат „тагерите“ - луѓе од крв и месо чија професија е да гледаат телевизија. Овие експерти измислуваат имиња за секој „тејст кластер“ со наоѓање на описен најмал заеднички содржател за секој филм или серија во одредената категорија. На почетокот работите биле релативно прости со неколку категории, но како што библиотеката на Нетфликс се проширува паралелно со бројот на корисници, така се шири и бројот на кластери (да, баш како зараза). Во третиот квартал на 2020 Нетфликс имаше 195 милиони претплатници низ светот, бројка која е и поголема бидејќи, како и во нашиот случај, еден Нетфликс акаунт може да се споделува од страна на неколку семејства. Кога последен пат е објавен во 2017 бројката на „кластери на вкус“ беше 1300, но таа сега е сигурно многу поголема.
Од Нетфликс велат дека компанијата тестира различни должини и формати на описите, така за тие да бидат „и забавни и информативни“. Ама па некогаш премногу информации се контрапродуктивни. Дајте бре само еден филм од категоријата „добар“, човек раат да изгледа и да си легне!