Мартин Лутер, германски професор по теологија, свештеник и композитор, е најпознат по отфрлањето на некои од учењата и практиките на римската католичка црква. Особено се противел на „индулгенциите“, ослободувањето од Божја казна за грев, односно прошката која можела да се купи со пари. На 31 октомври 1517 тој му испратил писмо на Архиепископот од Мајнц кое ги содржело таканаречените 95 тези - предлози за академска дискусија, што се смета за почеток на расколот во рамки на католичката црква, односно за почеток на реформацијата. Надредените на Лутер иницирале негово судење за ерес, што завршило со негова екскомуникација од црквата во 1521.
Но освен како реформатор, тој има уште една голема заслуга за историјата на Европа - промената на начинот на производство на пиво. Имено, тој и неговите следбеници за оваа цел почнале да го користат хмељот, и тоа како еден од начините на бунт против католичката црква.
Каква врска има овој убав цвет со религиски отпор? Во 16 век католичката црква доминирала во производството на пиво, бидејќи држела монопол на мешавината од билки и растенија кои се користеле за добивање на специфичниот вкус и за чувањето на пивото. Но на долгиот список го немало хмељот, агресивна билка која во Германија во тоа време растела насекаде. Нејзината инвазивна природа е отсликана и во латинското име - Humulus Lupulus, што значи „волк ползавец“.
„Црквата не го сакала хмељот“, вели Вилијам Боствик, пивски критичар за Wall Street Journal и автор на „Историја на светот според пивото“. „Една од причините била тоа што германската светица од 12 век, Хилдегард, сметала дека хмељот не е добар за здравјето бидејќи ’ја разжалостува душата на мажот и му ги спушта внатрешните органи’. Така, ако сте биле протестантски производител на пиво и сте сакале да му брцнете во око на католицизмот, токму него ќе сте го искористеле за правење на вашиот производ“.
Ова, како и фактот дека за хмељ не се плаќал данок на државата, го поттикнало Лутер да го промовира пивото направено од него. Со оглед на одличните својства на оваа билка за конзервирање на пијалокот, пивото можело добро да патува, и така станало и валута во меѓународната трговија, и симбол на растечката бизнис класа поврзана со протестантската работна етика и со капитализмот.
Не дека Хилдегард не била во право- хмељот има седативни својства. „Спијам шест или седум часа непрекинато, а потоа уште два или три. Сигурен сум дека ова е заради пивото“, ѝ напишал Лутер на жена си катарина од градот Торгау, познат по своето пиво. Ова било добра алтернатива за голем број зачини и билки користени од црквата, кои имале често несакани халуциногени својства.
Така, католичката црква загубила уште едно моќно оружје. Најпрвин со тоа што веќе немала контрола над пишаниот збор заради пронаоѓањето на печатарската преса, а потоа и заради тоа што загубила контрола над пивото. Во време кога водата не била безбедна за пиење, сите пиеле пиво, и тоа било и нутритивно и социјално гориво на Германија. Нешто као што денес има кафе во секое домаќинство, така тоа време насекаде имало пиво, кое за пониските класи било и извор на калории, повеќе храна отколку пијалок.
Кога екскомуницираниот Лутер се оженил со бегалката-монахиња Катарина фон Бора, градскиот совет на парот им подарил буре одлично пиво. Тоа наскоро ќе добие уште поцентрална улога во нивниот брачен живот. Интелигентната, талентирана и компетентна Катарина не само што му родила шест деца и управувала со големото домаќинство, туку засадила и голема градина со овошки и билки, одгледувала крави и прасиња, направила рибник и - отворила пивара која произведувала илјадници „пинти“ пиво секоја година. Најпрвин тоа било тенко како чорба, но наскоро го поднаучила занаетот. Лутер и неговите пријатели, а често на масата ги имало и по педесетина на број, биле воодушевени. Неговите студенти знаеле да ги запишуваат муабетите што се воделе на асталот, а кои знаеле да бидат прилично луди, и ги објавиле во книга под наслов „Муабети на маса“, која станала бестселер. Eве една од неговите бесмртни изреки: