„Суштински проучувања на необјаснета смрт“ (Nutshell Studies of Unexplained Death) се неверојатно детални прикази на минијатурни сцени на злосторства, направени од Франсис Глеснер Ли (1878-1962), првата жена-полициски капетан во САД и пионер од областа на форензиката. Сцените биле направени за да послужат во обука на инспекторите, тие „да го осудат виновниот, да ги ослободат невините и да ја најдат вистината во најбрз можен рок“. Диорамите прикажувале реални сцени, а се користат во форензиката и ден-денес.
Всушност, Ли се смета за „мајка на форензичките науки“, бидејќи помогнала да се формира прв оддел од ваков вид (Одделението за правна медицина) на Универзитетот Харвард. Во тоа време истражителите добивале многу малку обука, што често значело пропуштање на клучни докази или нивно ненамерно уништување. Мал број од нив имале познавање од медицината што би им овозможило да ја одредат причината за смртта. Како што Ли и нејзините колеги на Харвард се обидувале да го променат ова, така биле потребни нови алатки за научен пристап на студентите во нивната потрага по вистината.
Ли, освен што била одличен криминолог, била и талентиран уметник, па го употребила своето знаење за правење „куќички за кукли“ за решавање на овој проблем. Започнала со нивно правење во 1940-тите, за да прикаже дека во истражувањето на местото на некое злосторство секој детал е важен. Ова во нејзино време било еквивалент на „виртуелна реалност“ - приказ на нештата во 3Д со рачно изработени предмети и со неверојатна прецизност и покрај минималните димензии. Голем број од диорамите претставуваат жени-жртви во домашни услови, илустрирајќи ја мрачната страна на женската улога, која и таа самата ја почувствувала во текот на нејзиниот брак кој завршил со развод.