
Донацијата од 1 милион фунти што на Џонсон му ја дал неговиот спонзор Кристофер Харборн е најголемата во историјата за некој член на Долниот дом на Парламентот. На Џонсон му била исплатена веднаш штом ја напуштил функцијата во 2022 година и станал пратеник до крајот на 2023 година.
И Џонсон и Харборн одбиваат да кажат која била целта на донацијата. Во своја истрага весникот „Гардијан“ заклучува дека таа е мито за услуга. Харборн поседува 13% од акциите на одбранбената компанија QinetiQ, која испорачува беспилотни летала во Украина и во негов интерес било што е можно повеќе да продолжи војната за да се продаваат дронови и роботи.
Треба да се срамите од себе. Зошто едноставно не го промените името во „Правда“? Вашите приказни се бесмислици, реагира поранешниот премиер.
Но, весникот има цврсти аргументи за своето тврдење. Харборн во септември 2023 година бил во придружбата на Џонсон, кога поранешниот премиер го посети Киев, се сретна со Зеленски и ја охрабри Украина да издржи во војната со Русија. Бил претставен како стручњак со широка експертиза. Од имотот што го поседува – криптовалути, велнес-центри и авионско гориво - со Украина може да се поврзат неговите акции во QinetiQ, најголем производител на автоматизирано оружје во Британија.
По учеството на Форумот Јалта за европска стратегија (YES), Џонсон приватно се состанал со претседателот. Канцеларијата на Зеленски објави заедничка фотографија, но не одговора на прашањето дали на состанокот присуствувал и индустријалецот.
Од првите часови на војната Борис Џонсон искрено ја поддржува Украина и помага во одбраната од руската агресија. Сега продолжува да ѝ дава меѓународна поддршка на Украина. Ти благодарам за твојата енергија, пријателе!, објави Зеленски по средбата.
Следниот ден, кога Џонсон го посетил Лавов за да положи цвеќе на гробишта на загинати војници и посетил ранети ветерани, Харборн бил до него, сведочат фотографии.
Во ноември 2023 година украинскиот пратеник Давид Арахамија, лидер на партијата „Слуга на народот“, во интервју за телевизијата „1+1“ одговорил зошто Киев во првите месеци по руската инвазија одбил да преговара со Москва.
Кога се вративме од Истанбул, Борис Џонсон дојде во Киев и рече дека нема да потпишеме ништо со нив. И ни порача „Ајде само да се бориме“, изјави пратеникот.
Иако повеќе од 20 години живее во Тајланд, Харборн инвестира во британската политика. Со 10 милиони фунти ја поддржал кампањата за брегзит на Најџел Фараж, а потоа им дал 1 милион фунти на Конзервативците додека Џонсон како премиер го финализирал раздружувањето на Британија од Европската Унија. Во времето на премиерскиот мандат, најмалку два пати ја посетил резиденцијата Чекерс.
Џонсон ги задржал приватните врски со Харборн и откако даде оставка. Во ноември 2022 година пристигнала донација од 1 милион фунти за „Канцеларијата на Борис Џонсон ДОО“ – компанија што Џонсон ја основал кога бил пратеник. Исплатата не се појавува како „придонес за политички активности“ во базата на податоци за донации на Изборната комисија за пари.
Адвокатите на Харборн тврдат дека целта на донацијата била „да му се овозможи на Џонсон да остане активно вклучен во политиката“.
Г-дин Харборн немал и нема очекување за лична добивка. Секоја друга сугестија е лажна и без основа, наведуваат адвокатите.
QinetiQ сè уште ѝ испорачува оружје и опрема на Украина – беспилотни летала Banshee и роботи за далечинско деактивирање бомби. Во април годинава, Министерството за одбрана на Британија објави дека QinetiQ ќе ѝ помогне на украинската војска да произведува оружје со 3D печатари.