
Новото музичко видео на Лејди Гага, „Мртвиот танц“, во режија на Тим Бартон, го поттикна вниманието кон едно од најмистичните места во Мексико – Островот на куклите (La Isla de las Muñecas), сместен во каналите на Сочимилко, јужниот дел на Мексико Сити.
Спотот е поврзан со нејзината улога во втората сезона на Нетфликс серијата „Среда“ („Wednesday“), каде што Гага ја толкува Розалин Ротвуд, мистериозна професорка на Академијата „Невермор“.
Во видеото, Гага се појавува облечена како кукла што оживува, опкружена со стотици стари, оштетени и застрашувачки кукли - вистински експонати од островот, кој според Гинисовата книга на рекорди (2022) е најголема колекција на „сенишни“ кукли во светот, околу 4.000 примероци.
Островот се наоѓа на една чинампа – вештачки остров создаден од древните Ацтеки за земјоделство во плитките лагуни околу Тескуко и Сочимилко. Тие „пловечки градини“ постојат и денес, и претставуваат редок жив остаток од предколонијалниот систем на наводнување на Централно Мексико.
Според легендата, во педесеттите години таму се удавило некое девојче, а нејзиното тело било пронајдено меѓу густежот. Сопственикот на островот, Хулијан Сантана Барера, поверувал дека духот на девојчето го прогонува местото. За да го „смири“ духот, почнал да собира стари кукли од отпад и канали, за потоа да ги закачува на дрвјата и колибите, ритуал што го практикувал речиси половина век, сè до неговата смрт во 2001 година.
По неговата смрт, островот го наследил неговиот внук Хавиер Ромеро Санта, кој и денес раскажува дека ноќе се слушаат „детски крици и стенкања“.
Островот на куклите денес е туристичка атракција, дел од светското наследство на УНЕСКО во рамките на системот на канали на Сочимилко. Посетителите пристигнуваат со традиционални шарени чамци за да ја почувствуваат злокобната атмосфера.
Појавата на Лејди Гага и Тим Бартон таму не е случајна — местото совршено ја отсликува нивната естетика на готски реализам, емоционален театар и мрачна убавина. Некои мексикански медиуми дури и шпекулираа дека Гага можеби ќе биде жртва на клетва, бидејќи за време на снимањето допрела неколку од куклите — што се смета за знак на непочитување кон духовите.
(фото: Еспарта Палма, Википедија)