Како грабнувањето на едно куче ја одредило судбината на двајца британски поети

Кокерот Флаш го спомнавме кога пишувавме за подзаборавената биографија на Вирџинија Вулф на ова куче. Она што не го знаевме е случајот со неговото грабнување, кој направил неговата сопственичка - позната викторијанска поетеса - да го отфрли татковскиот авторитет и да се омажи со својата тајна љубов.

Први септември 1846. Елизабет Барет само што се подготвувала да влезе во кочија застаната на прометна лондонска улица, после неколкучасовна прошетка со сестра си Арабела. Со себе тие го понеле и малиот кокер-шпаниел, Флаш, кој весело потскокнувал крај нив додека пазарувале. Но кога тргнале кон дома, сфатиле дека кучето го нема. Саканиот придружник на Елизабет едноставно исчезнал.

Лондон во тоа време бил познат по случаи на кражби на расни кучиња, а особено лесна цел биле жените, кои не се очекувало да се спротивстават дури и ако миленикот им бил одземен пред очи. Но крадците не знаеле дека овој пат имале работа со една посебна жена, и со посебно куче. И покрај долгата и снеможувачка болест (проблеми со белите дробови и мистериозното нарушување кое предизвикувало постојани болки во главата и во ’рбетот), таа жнеела успеси на поетски план, со тогаш новата збирка едноставна наречена „Песни“. Едгар Алан По ѝ ја посветил „Гавранот и други песни“ во 1845. Денес веројатно е најпозната по стиховите: How do I love thee? Let me count the ways. Толку била приврзана кон Флаш, што го хранела со мафини, го капела два пати неделно, а во песна посветена нему го нарекла „драг пријател“ кој седел крај неа на креветот кога била болна.

Единствена утеха во целата ситуација на Елизабет ѝ било тоа дека крадците обично добро знаеле кои се газдите, и им испраќале уценувачко писмо, во кое барале пари за враќање на миленикот. Според полициските статистики, во Лондон во тоа време оперирале 141 кучокрадци, со приход од денешни 600,000 долари само од ваквите киднапирања. Конечно, ова не било прв пат Флаш да биде грабнат, но било прв пат кражбата да е огласена во медиумите и пријавена во полиција. Во таквите случаи крадците обично ги убивале милениците за да ја скријат трагата.

Врска во целиот случај требало да биде извесен кондураџија по име Тејлор, кој од семејството побарал пет фунти за да ги однесе до местото каде се чува нивното куче. Но кога таткото на Елизабет слушнал за ова, збеснал, почнал да му се заканува на посредникот дека ќе го предаде на полицијата и го исфрлил од дома. „Нема никогаш веќе да си го видите кучето“, рекол овој.

Името на таткото било Едвард Мултон-Барет, сопственик на неколку големи плантажи на Јамајка, строг татко на своите 12 деца, особено по смртта на жена си. Го поддржувал талентот на Елизабет, која добила одлично образование, меѓу другото учејќи класични јазици, француски, италијански и хебрејски. Како дете сонувала да биде женски Хомер, пишувајќи епска воена ода кога имала само 12 години. Но давање откуп за куче сепак ги преминувало неговите граници.

Елизабет имала свое купче пари од продажбата на нејзините книги, па самата го платила откупот. Но Флаш бил киднапиран и втор, и трет пат. Веќе станувало невозможно целата работа да се контролира и да се крие. Во паника Елизабет му се обратила за помош на својот колега по перо, Роберт Браунинг, со кого имала тајна врска, која татко ѝ не ја одобрувал. Долго време го планирале нивното бегство од неговиот авторитет - да се земат во Лондон, а потоа да испловат за Италија, каде климата одговарала на болеста на Елизабет. Но Роберт, иако бил силен на зборови, покажал неодлучност во справувањето со грабнувачите на Флаш.

Кога сфатила дека не може да смета ни на неговата помош, Елизабет одлучила да ги земе работите во свои раце. Со лојалната слугинка тргнала со кочија до Вајтчепл, населба позната по проституција и ситен криминал, која подоцна ќе стане синоним за најголемите злосторства на ерата, убиствата на Џек Мевосек. Толпата која се собрала да го види ова чудо - жена од високата класа среде сиромаштијата и калта како си го бара кучето - делувала опасно. Исто толку опасно делувала жената на кондураџијата, на која Елизабет сепак одлучно ѝ порачала, дека очекува кучето да ѝ биде вратено истата вечер.

Тоа и се случило, а по овој настан поетесата не само што добила на самодоверба, туку веќе не сакала да ја одложува својата еманципација и селење, секако со Флаш под рака.

Само една недела по последното враќање на кучето дома, Роберт Браунинг и Елизабет тајно се венчале, по што почнале да ги подготвуваат пасошите и билетите за планираниот пат. Неколку денови таа останала дома, однесувајќи се како ништо да не се случува. На 19 септември 1846 на домашните им рекла дека ќе вечера сама во својата соба. Всушност избегала и се сретнала со Роберт, по што се качиле на воз за Италија. По ова, Елизабет веќе никогаш не се вратила дома.

Откако сфатил што се случува, таткото на Елизабет веќе не проговорел со неа, и ѝ го одзел наследството. Но Елизабет била среќна во Италија, каде родила син, и напишала некои од нејзините најдобри дела, како епската поема Аурора Ли.

Во текот на целиот тој период Флаш бил верен придружник на семејството. Умрел во Фиренца осум години подоцна, на свои тринаесет. Елизабет била претажна, но нејзиниот петгодишен син ја уверил, дека Флаш истата година повторно ќе се роди, во друго куче кое ќе ја наследи неговата душа.

извор

8 јануари 2020 - 19:48