Елизабет Браунинг (1806-1861) била англиска поетеса на викторијанската ера. Почнала да пишува поезија на шестгодишна возраст, но на 15 се разболела, со тешки напади на главоболки и проблеми со `рбетот во текот на целиот живот. Била голем поборник на укинувањето на ропството и на реформата на законодавството поврзано со детскиот труд. Извршила големо влијание врз Едгар Алан По и Емили Дикинсон, а најпознат ѝ е Сонетот број 43, „Како те љубам?“
Како утеха во деновите кога не можела да стане од кревет, Елизабет добила на подарок кокер-шпаниел, кој станал дел од нејзината книжевна биографија. А најмногу откако нему Вирџинија Вулф му посветила цела книга.
Вулф почнала да ја пишува фикционализираната биографија на Браунинг и на нејзиното куче веднаш по исцрпувачката работа на својот роман „Бранови“. Додека ги читала љубовните писма на Елизабет Барет и нејзиниот сопруг Роберт Браунинг, исто така славен поет и драматург, ја сфатила приврзаноста на нејзината претходничка кон кученцето Флаш. Така „Флаш“ станал наслов на дело чие пишување на почетокот изгледало едноставно, но кое за Вулф наскоро станало најмачното нешто што таа го направила во текот на нејзиното писателствување.
Вечерта пред објавувањето, таа била повеќе резигнирана отколку горда. Вo дневникот запишала: „Флаш ќе се објави во четврток а јас повеќе ќе бидам депримирана од добрите критики. Тие ќе речат дека е шармантна, деликатна, женска...Не смеам да си дозволам да поверувам дека сум само некоја женска дрдрорка“.
И покрај нејзиното оградување од книгата, „Флаш“ денес се толкува како модернистички опис на градскиот живот низ очите на едно куче, со остра критика на неприродниот урбан живот. Браунинг станува симбол на други жени-интелектуалки, како самата Вулф, која страда од разни болести, замислени или реални, како дел од нивниот статус на писателки. Но кучето е во предност пред авторката - тоа на пример го толкува и мирисот како поезија, за разлика од неговата господарка за која поезијата е невозможна без зборови. Вулф така ги истражува бариерите помеѓу човекот и животното создадени од јазикот, но кои можат да се надминат со дејства кои не вклучуваат зборови.
Што се однесува до видот на кучето, расата за која станува збор прв пат се појавила во Велс во десетиот век, како ловечко куче увезено од Шпанија, кое потоа е трансформирано во нешто по „коректно“ според викторијанските стандарди, со прави уши и округол облик на черепот. Токму ваквото потекло на Флаш го одделува од другите, селски и улични кучиња, па така неговата приказна станува и класна, исто како и онаа на Браунинг која била родена во богато семејство чии предци поседувале плантажи шеќер во Јамајка (иако самата била аболиционист).
Таа напишала две песни за својот придружник, сонет во кој нејзиниот миленик се споредува со „козјо божество“ (заради тоа што може да скокне високо до нејзиниот скут), и уште една ода во која таа ја слави неговата убавина и златното крзно. Токму овие две песни, како и спомнатата кореспонденција, ѝ послужиле на Вулф за делото кое денес е речиси заборавено. А не би требало да биде, бидејќи и покрај оградувањето на авторката, тоа содржи остра социјална критика, како и нетипичен поглед на работите (од перспектива на животно), прилично невообичаено за дела за возрасни во времето на Вулф.