Нашата „Стигнавме на дното“ е симпатична и наивна рубрика во однос на сето она што се ширеше како лажна вест изминатата година. Фејсбук беше обвинет за такви вести што го променија исходот на изборите во САД, луѓе од невработени станаа професионалци во хранење на цел еко-систем од гладни гнетачи на вести од конспиративен карактер, а дури и сериозни медиуми наседнуваа на лажни вести заради трката по кликови.
Не дека вакви измами немало низ целата позната медиумска историја на човештвото, но тие никогаш не биле со толкав обем и со толкава брзина на ширење. Човечката интелигенција за лиферување глупости онлајн очигледно е поголема од онаа за нејзино разликување од лагата, бидејќи желбата нешто да е вистина е посилна од моќта на рационалната проценка.
Еден од начините за овој процес на стекнување имунитет да се забрза, особено кај младите, е да се воведе вакво образование уште во основно. Според неодамнешна студија изработена на Универзитетот Стенфорд со американски основци, средношколци и студенти, нивниот капацитет на разликување реклами од статии, неутрални извори од навивачки и факти од фикција е шокантно мал. Накратко, заклучокот е - ако младите се иднината, тогаш таа е многу лошо информирана.
Според професорот Сем Винебург, еден од од истражувачите, лекот за ова е „пракса“. А таа подразбира не само јакнење на генералното критичко мислење кај младите, туку и конкретна обука врз многу конкретни примери за дигитални измами.
Во одделни американски училишта годинава, токму под влијание на лавината лажни вести на интернет, почна дигитална наставна програма наречена „чекологија“ (проверологија). Организатор е невладина организација наречена The News Literacy Project (Проект за писменост во однос на вести).
„Виралните содржини вклучуваат приказни, банери, реклами, гласини и мемиња, кои ве закачуваат како грип зиме, брзо минувајќи од еден човек на друг, често без оглед дали содржината им е вистинска или не“, е едно од нештата што ги учат децата и младите на овие предавања. На нив се прикажуваат видеа и се читаат статии, во обид да се воочи разлика помеѓу пропаганда, реклами и факт. А за да се направи тоа, првиот чекор е внимателно да се погледне или да се прочита она што се пласира, најчесто преку социјалните мрежи, а да не се формира избрзан став само заради насловот.
Иако влезот во училиштата на овој проект е неодамнешен, самиот е формиран пред скоро девет години од новинар, добитник на Пулицер за истражувачко новинарство од Лос Анѓелес Тајмс, Алан Милер. Групата и нејзината мисија е поддржана од 33 партнерски организации, меѓу кои и големи медиуми како Асошијетед Прес, Њујорк Тајмс и НПР. Мисијата е на студентите да им се дадат алатки кои ќе им овозможат да бидат поумни потрошувачи, не само на вести, туку и на сите информации.
Како мал удел во ваквото образование, еве еден можен список на сајтови кои шират лажни вести