Исповед на дечкото кој пишува лажни вести

Започнал од заебанција и и полека се навлекол на фрапантниот успех кој ги постигнале неговите лажни вести. Уште не е сигурен дали поглупи се алгоритмите на социјални мрежи или луѓето. Ќе да е второво.

Последниве 6 месеци Марко Чакон ги минал пишувајќи лажни про-трамповски вести. Измислувал, лажел, фалсификувал извештаи, креирал лажни ликови и дебати, правел фотомонтажи, смислувал запалливи хаштази, без усул преправал податоци, се повикувал на непостоечки извори...

Сето тоа поминало не само мазно туку со неверојатна вирална сила: неговите лажни наводи стигнале до милиони конзументи на вести, биле цитирани во меинстрим медиуми, за нив се дебатирало на панели.

Главен извор на зараза бил неговиот сајт RealTrueNews.org на кој прво почнал да пишува колку да добие некакво внимание. Трешови од типот: "Хилари ги продала машините за правење пасоши директно на Исис" или "Обама не смее да изговори "радикален ислам" за да не прекрши исламска клетва која го штити".

Не бил свесен за постоењето на еден цел еко-систем од гладни гнетачи на вести кои ќе поверуваат, преземат и рашират сè што одговара на нивната матрица, особено ако е од конспиративен карактер.

Тоа првпат му се случило со две видеа кои станале вирални преку Јутјуб. Бил одушевен но и за првпат упплашен.

"Па овие стварно веруваат во ова!", помислил Чакон.

Никому не му засметало што сајтот RealTrueNews го води лик кој се вика Макс Инсајдер.

Кога некој пријател го прашал зошто Обама не ја осветли во сино Белата куќа во чест на загинатите полицајци а ја осветлил во виножито за ЛГБТ, на Чакон му текнало да напише вест дека Обама всушност ЈА осветлил резиденцијата во сино НО како ПОДДРШКА ЗА убиството на полицајците.

Се разбира, одзивот бил запрепастувачки.

Подоцна фејкувал и ликови и нивни интернет дебати на кои се повикувал во своите вести а некои хаштази му станале вирални сосема случајно. На пример дека "Клинтон колабира" (мислејќи на политички колапс) за подоцна оваа навистина да колабира, од медицински причини. 

Кога веќе се залетала до толку работата, пробувал најбескрупулозни лаги. Кога излегла сондажата по која Хилари убедливо водела во Флорида, тој просто го симнал пдф извештајот, го претворил во ворд, дебело ги сменил бројките и го објавил.

Милиони луѓе тие денови поверувале дека Трамп сигурно води во Флорида.

Перверзијата околу писменоста на медиумската публика отишла дотаму што едно време бил обвинет дека е платеник на Хилари.

Денес не е сигурен дека се кае. Вели дека оние најочајните и онака би поверувале во сè што сакаат да веруваат. Само ако тоа им се спакува во пожелната форма, јазик и наратив. Чакон смета дека некому неговиот сајт му го има направено животот бар малку повозбудлив, а некому му дало шанса да размисли дали ќе верува во сè што чита на интернет.

Денес на неговиот сајт го пишува ова:

Everything on RealTrueNews Was A LIE.

 

21 ноември 2016 - 22:17