Додека самата Хилари за својот пораз го обвинува директорот на ФБИ, медиумите го фатија Фејсбук за врат обвинувајќи го за ширењето лажни стории и нивното помагање во изборот на Трамп. По линчот на компанијата кој следуваше по изборите, се огласи и Зукерберг, порачувајќи:
"Од целата содржина на Фејсбук, над 99% од она што луѓето го гледаат е автентично. Само многу мал број се лажни вести и измами. Лажните вести кои ги има не се ограничени само на едно гледиште, па дури и на една политика. Севкупно, сето ова прави да е малку веројатно дека лажните вести го промениле исходот од овие избори во еден или друг правец."
Како што објаснува Гобри, Зукерберг во најдобар случај е широкоград, бидејќи обвинувањата дека лажните вести на Фејсбук ги свртеле изборите во корист на Трамп, се "надуени глупости".
"Демократската партија избра да кандидира историски непопуларен кандидат кој е чисто олицетворение на нашата со себе опседната и без чувство за реалност елита. А Републиканската партија избра кандидат кој, и покрај неговите титански недостатоци, е виртуоз во добивање на медиумско внимание. И сега ние ќе ја ставиме вината за подемот на Трамп пред прагот на Фејсбук? Стварно?
Сите нови форми на медиуми охрабруваат морална паника. Размисли на времето пред Фејсбук, кога ни кажуваа дека блоговите го уништуваат јавниот дискурс и дека носат лажни вести во јавниот крвоток. Во реалноста, блоговите беа благослов за јавниот дискурс, вадејќи на површина безбројни интелигентни гласови кои инаку не би нашле медиум за објавување," пишува Гобри.
Главното прашање на Гобри е: И да е точно дека Фејсбук го сменил текот на изборите, кој би требало да биде одговорен за штелување на алгоритамот на Фејсбук? Министерство за вистина?
По оваа основа тој пердаши либерални медиуми кои периодов крахираа во однос на своите стандарди, почнувајќи од оригиналната екипа уредници на ФБ за кои се покажа дека ги штелувале трендинг вестите во корист на либералната агенда, до луѓето од Вокс за кои Дедспин извади список од 46 лажни вести што ги имаат објавено, и луѓето од Сиенен кои на соработничката на Хилари авансно и дадоа дел од прашањата од претседателската дебата.
"Најлошиот дел е што ова и претходно го имаме минато. Во 80-те, кога радио емисиите станаа голем медиумски феномен, и значаен политички фактор за десницата, левицата се обиде да ги копира и излезе со сопствена верзија на овие радио програми. Сепак либералните радија никогаш не успеаа, и економски и во однос на публика. Зошто е тоа така? Затоа што на американските прогресивци не им требаат алтернативни медиумски канали кои ќе ласкаат на нивната пристрасност. Таа работа веќе одлично ја вршат меинстрим медиумите.
Никогаш претходно медиумите не биле така обединети во својата опозиција кон еден кандидат, како што беа против Доналд Трамп. Овој пат, тоа не беа само сите либерални медиуми, туку и елитните конзервативни медиуми, и елитните конзервативни експерти. Јас бев еден од нив. И јас стојам зад сè што сум напишал. И во таа смисла, сите ние го потценивме феноменот Трамп.
Трамп речиси сигурно ќе биде лош претседател, и има растечки големи шанси дека тој ќе биде еден од најлошите во историјата, ама феноменот што тој го претставува е вистински и една од многуте работи што тој ги разоткри е дека елитата, вклучително и медиумската елита, живее во балон што тие самите го имаат создадено.
За истата таа елита, откако беше разоткриена, да се сврти и да се обиде да го обвини Фејсбук дека правел луѓето да живеат во балон е крајно зачудувачки, и можеби дури и да објасни, барем делумно, зошто Трамп победи," пишува Гобри.