Мартин Џонсон, кој е одговорен за сирењата, сувомеснатато и други деликатеси во познатата Gastronomie 491, продавница и кафуле во Њујорк, мора да најде начин на кратко да ви го опише вкусот на кашкавалите, сирењата, пармезаните и зденките, за да не мора да пробувате од сите па да сфатите што сакате. За да успее во тоа, пишува кратки описи на секое парче во стаклената витрина, кои повеќе личат на поезија отоколку на декларација на производ. „Ако ви кажам дека сирењево се вика Аделже, дека е баварско и направено од сирово кравјо млеко, фино, ама пак тоа ништо не ви значи. А што ако на знакот го прочитате следново: 'Само сетете се на сцена од филм каде главната глумица полека се врти и ѝ врти грб на камерата, земајќи го целото ваше внимание со неа'? Веднаш звучи поинаку, и ако го пробате ќе сфатите дека е точно", вели Џонсон.
За сирењето од видот Калгано тој е повеќе склон кон рокенрол: „Големо и цветно на најдобриот можен начин, ова сардиниско цврсто овчо сирење е кул како Мик на врвот, средовечниот Лу или Поли Џин (се мисли на П. Џ. Харви) денес".
Но Џонсон е само еден од многу вешти лица во градот кои продаваат сирења и деликатеси на овој начин. Еден друг продавач, Питер Даниелс, познат како „Докторот", неодамна мораше привремено да престане да пишува поезија на налепниците на производите, откако еден купувач се пожалил дека тие содржат верски проповеди. Со стиховите „Кој прорекол дека во доцниот дваесети век еден ангел на смртта ќе ја уништи земјата во холокауст каков што планетата не видела", тој всушност асоцирал на пророштвото на Нострадамус и на Маите за крајот на светот, и малку да ги подучи луѓето, без намера да шири некаква верска доктрина.
Наспроти стереотипот дека „муштеријата е секогаш во право" овие продавачи имаат сосема поинаква логика, произлезена од искуството - муштериите појма немаат што да купат, само сакаат да им е убаво, и едвај чекаат некој да им даде некаква насока: „Продажбата се иницира со интелигентен знак, тој ќе им каже што да прават. Тие знаци ги дефинираат и желбите", изјавува друг продавач, г-дин Џенкинс (62), кој почнал да пишува вакви натписи пред 30 години, како обид да избега од работата на штанд кој подразбирал многу муабет со купувачите, кои го уморувале до толку што на крај му доаѓало да ги опцуе. Криењето во сопче зад штандот и општењето со „музата на сирењето" му го донела мирот од „досадните баби".
Неговиот радикален пристап е очигледен и кога човек ќе забележи знаци со опис на сирење од типот „Фино, ама брзо ќе го заборавите". Тој едноставно нема трпение за оние луѓе кои не го сакаат најдоброто од сè. Ако сте дошле во првокласна продавница, нема што да барате растителен кашкавал.
Еве уште неколку примери на маестрални книжевно-гастрономски описи на сирења од деликатесни њујоршки продавници - можеби некој во нашите супер-маркети ќе се инспирира:
Масторацио, Мадајо
Линдзи Лохан во светот на сирењата, ова пекорино има исончана, кожеста надворешност која обвиткува деликатна жолта паста. Со нијанси на растенија и арома на сено, вие можете речиси да ги слушнете чекорите на Линдзи по италијанските ридови. Да се јаде заедно со никотин, Ред Бул или мерач на алкохол во крвта.
Анданте Дејри Ноктурно
Исландски понија. Јапонски мачки на интернет. Кученца што се прозеваат. Бебиња кои се гушкаат меѓу себе. Духови кои се скокаат на сè живо. Розеви и зелени макарони. Црвени панди. Сјаен лак за нокти. Ме сфаќате? Слатки нешта. Ова сирење е толку совршено и слатко и вкусно што ќе сакате да го ожените. Или едноставно купете го и јадете.
Силвер Брук Блу
Со арома на земја и малку јако, ова сирење од Вермонт е како death metal бенд помеѓу инаку слаткастите варијанти на сино. Ајде, пробајте, еднаш се живее.