Теодор Адорно, германскиот социолог, изјавил дека да се пишува поезија по Аушвиц е варварски. Едноставно, истата таа култура која создава поезија, создала и такво зло, како што е масовно уништување на човечки суштества. Масакри како оној од основното училиште во Њутаун го актуелизираат ова прашање, со сета нивна жестина.
Што е по ѓаволите тргнато толку наопаку со американската, но и со глобалната култура која е под нејзино директно влијание, што поттикнува вакви трагедии? Да, достапноста на оружјето е еден од проблемите. Но многу поголем е како општеството се справува со агресијата, гневот и менталните растројства на неговите членови, истите оние кои неколку сцени подоцна посегнуваат по оружјето и го празнат директно во телото на заедницата, коe крвари после секој ваков инцидент. Кога работата почнала да оди наопаку? Кој и каде згрешил? Како работата да се оправи, и дали е тоа воопшто можно?
Ако мислите дека ова е далеку од македонски проблем, прочитајте го следниот текст. Една мајка потресно најавува дека нејзиниот 13-годишен син е можеби следниот масовен убиец, и повикува на помош, некого кој или е глув, или и самиот не знае како да помогне. Како би се справиле со вакво дете Ескимите, некоја мајка од Виетнам, родители од некое забаталено село во Македонија? Има ли чаре, или е просто судбина на живеењето во овие времиња, да го испратиш детето на училиште, со сиот ризик дека можеби ќе биде претепано во автобус, или изрешетано во училница? Господ нека ни е на помош. Ако не е мртов.
Три дена пред 20-годишниот Адам Ланза да ја убие мајка си, а потоа да почне да пука во училница полна со првооделенци во Конектикат, мојот 13 годишен син Мајкл (името е сменето) го пропушти школскиот автобус затоа што носеше погрешна боја пантолани.
„Можам да ги носам овие пантолани", рече, со тон кој стануваше сè поагресивен, и зеници кои се закануваа да му ги проголтаат сините очни ириси.
„Тие се морнарско плави", му реков. „Правилата во твоето училиште велат дека се дозволени само црни или темно кафеави".
„Ми рекоа дека можам да ги носам овие", инсистираше тој. „Ти си глупа кучка. Можам да си носам какви пантолани сакам. Ова е Америка. Имам права!"
„Не можеш", реков со мојот смирувачки, разумен тон. „А дефинитивно не смееш да ме нарекуваш глупава кучка. Ти забранувам да играш видео игри цел ден. Сега влегувај во колата, те носам во школо".
Живеам со син кој е ментално болен. Го сакам син ми. Но тој ме плаши.
Пред неколку недели Мајкл ми извади нож и се закани дека ќе ме убие, а потоа и самиот себеси кога му реков дека треба да ги врати позајмените книги од библиотека. Неговите браќа и сестри (7 и 9 години) го знаеjа безбедносниот план - истрчаа кон колата и ги заклучија вратите пред и да им го кажам тоа. Успеав да му го земам ножот, потоа систематски ги собрав сите остри предмети oд куќата во кутија која сега е постојано со мене. Во текот на сето тоа тој продожи да вреска и да ме навредува и да се заканува дека ќе ме убие или повреди.
Конфликтот заврши кога тројца стасити полицајци и медицинско лице се изборија со син ми за да го внесат во кола на брза помош, и за многу пари да го однесат до локалната болница. Во онаа за ментални болести немаа кревети тој ден, па Мајкл фино се смири во собата за итни интервенции, по што нè испратија дома со рецепт за Zyprexa и препорака за контрола кај локалниот педијатар-психијатар.
Сè уште не знаеме што не е во ред со Мајкл. Нешто од спектарот на АDHD (Нарушување на концентрација и хиперактивност), друг вид на нарушување на однесувањето кое се манифестира со агресија и гнев (Oppositional Defiant, Intermittent Explosive Disorder), сите овие дијагнози се вртеа на различните средби со полицајците, социјалните работници и советниците и наставниците и училишните администратори. Тој има примано големи количества антипсихотици и лекарства за менување на расположението, метод за лекување излезен од руските романи. Изгледа дека ништо од тоа не му помага.
На почетокот на седмо одделение, Мајкл беше прифатен во програма за високо талентирани ученици за наука и математика. Неговиот коефициент на интелигенција е вон постоечките табели. Кога е добро расположен не престанува да зборува за теми од грчка митологија до разлики помеѓу Ајнштајновата и Њутновата физика и Доктор Ху. Поголемиот дел од времето е добро расположен. Но кога не е, внимавајте. И не е можно да се предвиди што би можело да го предизвика.
Неколку недели откако почна да оди во средно, Мајкл почна сè почесто да покажува знаци на чудно и заканувачко однесување. Одлучивме да го преместиме во најрестриктивната програма во регионот, изолирана училишна средина каде децата кои не можат да функционираат во нормални училница можат сепак да добијат право на бесплатно јавно чување од 7:30-1:50 од понеделник до петок додека наполнат 18.
Утрото по инцидентот со пантоланите, Мајкл продолжи да се расправа со мене во кола. На моменти се извинуваше и изгледаше дека се кае. Само што стигнавме на училишниот паркинг рече: „Види мамо. Стварно ми е жал. Може да играм видео игри денес?"
„Нема шанси", му реков. „Не може да се однесуваш како утрово и да мислиш дека толку бргу ќе го сменам мислењето".
Неговото лице стана студено, а очите му се наполнија со пресметан гнев. „Тогаш ќе се убијам", рече. „Ќе скокнам од колава во моментов и ќе се убијам".
Тоа беше тоа. По инцидентот со ножот му реков дека ако уште еднаш ги изговори овие зборови ќе го однесам право во ментална болница, без ако, и, меѓутоа. Не одговорив, но ја свртев колата, на лево наместо на десно.
„Каде ме носиш?", рече, и одеднаш се загрижи. „Каде одиш?"
„Знаеш каде одам", одговорив.
„Не! Не можеш да ми го сториш тоа! Ме праќаш право во пеколот!"
Застанав пред болницата, френетично мафтајќи на еден од болничарите кои случајно стоеше надвор. „Викнете полиција", реков. „Побргу".
Мајкл веќе доби напад, врескаше и удираше. Го гушнав толку силно што да не може да избега од колата. Ме удри неколку пати и ми ги зари лактите во ребрата. Сè уште сум посилна од него, но нема да бидам уште долго.
Полицијата дојде и го однесе син ми кој врескаше и удираше. Почнав да се тресам, и со солзи ги пополнив формуларите - „Дали имало претходно тешкотии...на која возраст вашето дете..дали имало проблеми со...дали некогаш вашето дете искусило...дали вашето дете има..."
Барем во моментов имаме здравствено осигурување. Неодамна прифатив работно место во локалниот колеџ, одрекувајќи се од кариерата на фриленсер бидејќи кога имате дете како ова ви требаат бенефиции. Ќе сторите сè за бенефиции. Ниту еден поединечен план за осигурување нема да ви покрие нешто вакво.
Неколку дека син ми инсистираше дека лажам - дека сè сум измислила за да се ослободам од него. Првиот ден кога се јавив за да проверам како ми рече: „Те мразам и ќе ти се одмаздам веднаш штом излезам од тука."
Веќе третиот ден беше спокојното, слатко дете, со сите извинувања и ветувања дека ќе биде подобро. Сум чула многу такви во текот на годините. Веќе не им верувам.
На формуларот под „Кои се вашите очекувања од третманот?" напишав, „Ми треба помош."
И навистина е така. Проблемот е преголем за да излезам на крај со него самата. Некогаш едноставно нема добри опции. Па само се молите за милост и верувате дека долгорочно сè ќе има некаква смисла.
Ја споделувам оваа приказна затоа што јас сум му мајка на Адам Ланза. Јас сум мајка на Дилан Клеболд и Ерик Харис. Јас сум мајка на Џејсон Холмс. Јас сум мајка на Џеред Лоуфнер. Јас сум мајка на Сенг-Хуи Чо. И на сите овие момчиња - и на нивните мајки - им треба помош. Во зората на уште една национална трагедија лесно е да се зборува за оружјето. Но време е да се зборува за менталните болести.
Според Mother Jones, oд 1982 се случиле 61 масовни убиства со огнено оружје во земјата. Од нив, 43 од убијците биле бели мажи, а само една жена. Повеќето од убијците легално го набавиле оружјето. Но овој видлив знак на ментална болест треба да нè натера да размислиме колку луѓе живеат во САД со ваков страв, со каков што живеам јас.
Кога го прашав социјалниот работник на син ми кои се моите опции, тој рече дека единственото нешто кое можам да го сторам е да направам Мајкл да биде обвинет за кривично дело. „Ако се врати во системот така ќе има документација за него", рече тој. „Тоа е единствениот начин. Никој нема да обрне внимание на него ако не го обвините".
Не верувам дека син ми треба да оди во затвор. Хаотичната околина уште повеќе го стимулира и не прави ништо во врска со патологијата која е во основата на неговото однесување. Но изгледа дека Америка го користи затворот како решение за ментално болните. Внимавајте, бројот на ментално болни затвореници во затворите во САД за четири пати се зголемил од 2000. до 2006., и продожува да расте - всушност, стапката на ментална болест кај нив е пет пати поголема (56%) отколку кај „обичното" население.
Со затворањето на центрите кои пружаат државна помош и затворањето на болниците, затворите сега се последно уточиште за ментално болните - во Rikers Island, најголемиот затвор во Лос Анѓелес и Cook Country Jail во Илиноис од 2011. се наоѓаат најголемите центри за третман на национално ниво.
Никој не сака да го испрати својот 13-годишен генијалец кој го сака Хари Потер сосе неговата збирка животни за гушкање во затвор. Но во нашето општество, со неговата стигма во врска со менталните болести и неговиот разрушен здравствен систем не ни дава други опции. Потоа некоја друга измачена душа ќе извади оружје среде фаст фуд ресторан. Трговски центар. Училница. И ние кршиме прсти и велиме: „Нешто мора да се стори".
Се согласувам дека мора нешто да се стори. Време е за промислен, национален разговор во врска со менталното здравје. Тоа е единствениот начин на кој нашата нација може навистина да зацели.
Господ нека ми помогне. Господ нека му помогне на Мајкл. Господ нека ни помогне на сите.
Лиза Лонг
(на фотографијата - „Мајкл“ со пеперутка)