Јапонските будистички текстови за неписмени

Дури и со наставните помагала на 21-от век, пишуваниот јапонски не е нешто што може лесно да се совлада. Пред неколку стотини години било уште потешко, особено за оние кои требало да ги учат сутрите, или светите будистички текстови. Решение - нешто слично на денешното читање преку емотикони.

Рецитирањето будистички сутри и денес се врши според строги правила кои постојат од 12 век, а оваа вештина е издигната на ниво на уметност. Во Јапонија е увезена преку Индија, а будистичките канонски текстови биле напишани на класичен кинески со малку назнаки за тоа како би требало да се читаат зборовите. 

Ова било предизвик и за совршено писмените, а камо ли за неписмените. Спасот пристигнал во 17 век во форма на текстови напишани само за нив. Јапонските печатари почнале да издаваат „книги за неписмените“, овозможувајќи им да рецитираат сутри и други молитви без да познаваат какво и да е писмо. 

Текстовите функционирале по принцип на ребус (познато како ханџимоно), со тоа што изговарањето на она што е претставено на сликата звучело како слог. Со оглед на тоа што книгите требало да бидат користени пред се од земјоделци и селани, системот се потпирал на слики кои тие ги познавале: земјоделски алатки, домашни животни и митолошки фигури. На овој начин, на пример, бил „преведен“ текстот на најважните ракописи од канонот на мајахана будизмот (меѓу кои најпозната е тн. Срцева сутра)

Бидејќи сликите претставуваат звуци а не предмети или идеи, тие не се пиктограми на начин на којшто се емотиконите. Но со оглед на тоа што се „згуснати“ и фунционални, сепак личат на нив. Еден кокнкретен пример: санскритската фраза Prajñāpāramitā’(прадњапарамита) на јапонски се изговара „Ханјахарамита“. Ханја во „книгата за неписмени“ (види слика горе) е претставена со цртеж на демонска маска од тетарот Но која се нарекува „ханја“. „Харами“ е слика на тело (ми) во женски стомак (хара), а „та“ е слика на оризово поле (танбо, од таму и „та“ во голем број јапонски имиња, како Танака). Звучи лесно, нели?

извор

1 февруари 2022 - 15:44