Јајцата на Толстој
Исхраната на Лав Николаевич може да послужи како современ урнек за здрав живот. Бил стриктен вегетаријанец, а јадењето месо го сметал за неморално. На ваков режим се префрлил во средината на 1880, кога имал педесет години, измислувајќи серија рецепти со јајца кои ги подготвувал наизменично. Кога ова ќе му здосадело, го заменувал со грав и прокељ. Еднаш годишно си дозволувал парче пита со лимон. A кога имал стомачни проблеми јадел само - варени круши.
Меѓу неговите помалку познати дела е книга за самопомош „Календар на мудроста“. Бил фан на Вивекананда, индијски аскет за кого се смета дека ја донел јогата на запад. Еднаш напишал: „Шест наутро, мислев на Вивекананда. Се сомневам дека некој денес може да се издигне над ваквата несебична, духовна медитација“.
Не се знае дали самиот Толстој практикувал јога, но со оглед на тоа гравот и прокељот „поздрав на сонцето“ или некоја друга од позите можела да се покаже како прилично ризична.
Чехов и #FOMO
Една од темите со кои се занимавал Чехов бил „стравот од тоа нешто да пропуштиш“ (денес познат како FOMO, за што пишувавме тука) - опсесијата да се споредуваме со другите, замислувајќи какви би ни биле животите ако сме направеле некој друг избор. Во „Трите сестри“ ликовите копнеат по добриот живот во Москва додека го пропуштаат она убавото што се случува околу нив. Додуша не знаеме дали сепак го навјасало вакво чувство последните шест години, кои ги поминал на Јалта каде се лечел од туберкулоза, додека неговата сакана сопруга Олга поголемиот дел од времето била во - Москва.
Хедонистот Тургењев
Авторот на „Еден месец на село“ и „Татковци и синови“ бил најголемиот мераклија во руската книжевност. Имал долгогодишна љубовница, оперска пејачка, која ја следел на нејзините турнеи низ Европа. Сепак, иако делувал како симпатичен чикица, имало моменти кога бил намќор па дури и насилен. При една караница ја гаѓал љубовницата со мастилница, а на актерката Сара Бернар ѝ кажал дека го потсетува на желка. Кога еднаш заборавил да се појави на забава, напишал писмо со иронично извинување, во кое вели дека не можел да присуствува затоа што палците (?!) му биле премали.
Со колегата Толстој имале однос на истовремена љубов и омраза. Кога биле во добрите му ги забавувал децата имитирајќи кокошка. Кога се разболел од рак (на `рбет) се обидувал да се излечи со пиење девет или десет чаши млеко дневно. Што секако не му помогнало.
Воркохоликот Солжењицин
Авторот на „Архипелагот Гулаг“ бил спротивноста на Тургењев - живеел како војник, со строг дневен режим на работа. Можел да пишува и да истражува и по 18 часа дневно. Никогаш не се јавувал на телефон, а и покрај тоа што му фалело ребро постојано седел на столче и работел. Единствено си дозволувал да слуша радио со пријатели, и тоа бил неговиот концепт на дружење и забава.