Додека директорот на ЦИА, Џон Бренан во вторникот навечер се подготвувал за прес конференција во седиштето на агенцијата, на која го нарече извештајот „полн со грешки" и ги бранеше „засилените техники за испрашување", во Бруклин, во просториите на независната издавачка куќа Melville House владеел друг вид паника. Тимот имал само 10 часа за да го заврши форматирањето на извештајот и да го испочитува рокот зададен од печатницата. Целта: тој да биде издаден во форма на книга што е можно побрзо.
Од каде една издавачка куќа која може да се пофали со двајца нобеловци по книжевност - Имре Кертес и Хајнрих Бол - во својот каталог, би сакала да издаде еден ваков документ, кој ги содржи најмрачните моменти од современата историја на земјата? „Нашиот страв беше дека со сето внимание коешто го одземаат новогодишните празници, извештајот многу бргу ќе исчезне од вестите", изјавил Денис Џонсон, еден од уредниците во издавачката куќа. Бидејќи извештајот сега е во јавен домен, Мелвил Хаус не морала да плати за правата. Оттаму, таа брзала и за истото да не им текне и на конкурентите.
Но документот открил и други страни, покрај оние најкоментираните во врска со работата на разузнавачите. Книжевните аналитичари во него препознале куп референци и асоцијации на познати книги и автори. Така, во извештајот се спомнуваат псевдоними на психолози кои работеле на програмата за испрашување, Грејсон Свигерт и Хамонд Данбар, кои за својата работа биле платени 81 милион долари, а чии никови се како извадени од романите на Томас Пинчон. Други пасуси во текстот потсетуваат на „роман на Џон Ле Каре", „на приказна на Оскар Вајлд" или на „навистина досадно порно". Се забележуваат и лингвистички бисери од типот „тој пееше како врапче", или означување на затворениците со yahoos, урбан сленг за примитивци. Извештајот поттикнал и куп други уредувачки проблеми, на пример нееднаквото спелување на „Ал Каеда" во текстот. Дали да се запазат баш сите курзиви? Во кој жанр да се категоризира книгата?
После неколку непроспиени ноќи тимот на Мелвил Хаус сепак успеал да го предаде извештајот на печатење, и тој се планира да излезе на 8. јануари, и на хартија и во електронска форма.
Ова не е прв пат владин извештај да биде објавен во форма на книга. Оној на комисијата за 9/11 беше објавен во 2004, а пак оној за врската помеѓу поранешниот претседател Бил Клинтон и Левински беше објавен во 1998, од издавачка куќа со симболично име - PublicAffairs Books.