Во Музеј д'Орсеј, легендарната институција посветена на уметноста на импресионистите и постимпресионистите, лоцирана во поранешната железничка станица Гар Д'Орсеј, утре (14.10) се отвара шоу под наслов „Сад: напад на сонцето". Тоа се фокусира на „револуцијата на репрезентацијата инспиририрана од книгите на овој автор", а на мултимедијалната изложба ќе бидат претставени контроверзни и сензуални дела од уметници како Гоја, Енгр, Роден, Пикасо и др.
Маркиз де Сад (1740-1814) во неговите дела, од кои најпознатото е „120 дена Содома", радикално ги преиспитува прашањата на моралот, концептите за убавото и грдото, за суптилната граница помеѓу задоволството и болката. Оттаму, теми на кои се однесува шоуто се страста, девијацијата, екстремите, чудното и монструозното.
На сајтот на Музејот, со болдирани букви, стои предупредување: „Насилната природа на одредени дела и документи можат да шокираат некои посетители". Таков дисклејмер сепак не е потребен за видеото кое го најавува настанот, режирано од двајца видео артисти, Давид Фрејмон и Флорент Мишел, кое повеќе личи на препелкање купчиња неидентификувано месо, отколку на некаков секс. Сепак, NSFW или НПЗР (не е подобно за на работа). Божем па на друго место сè е подобно.