Поради физички и општествени ограничувања, типичните шеми на спиење на луѓето се прилично регуларни. Мачките се полиберални во својот избор и на време, и на место за спиење - на кревет, под кревет, на тастатура, (ако не ги избркаш) дури и на масата за јадење. Но што ако луѓето ги имитираат спиечките навики на мачките?
Ова била почетната точка на интересен труд на Јури Накаши, студентка на јапонскиот универзитет Хосеи. Изборот на место за спиење на мачките паѓа на такво кое комбинира топлина, светлина и удобност. Накаши се обидела да ги измери и квантифицира физичките и менталните ефекти на таквиот избор врз луѓето, односно врз себе. Откако една од нејзините пет мачки ќе се стуткала за спиење ноќе, Накаши легнувала во вреќа за спиење на истото место, па макар тоа било и под скалите или на некое друго место кое човек вообичаено не би го одбрал. Експериментот се одвивал цели 24 ноќи.
Истражувачката носела Фитбит алка додека спиела и ги мерела часовите и квалитетот на сонот, како и бројот на будења во текот на ноќта. Квалитативните податоци потоа се комбинирани со тоа како таа се чувствувала физички и психички споредено со спиење во нормален кревет. Забележувани се и разликите во расположението на мачката.
Интересно е што бројките кои се однесуваат на нејзиното спиење пред и за време на експериментот не покажуваат значајни разлики во должината и квалитетот на сонот (график горе, лево и десно). Но квалитативните резултати покажале интересни психолошки ефекти. Дневникот на истражувачката покажувал чувства на возбуденост и авантура кои се должеле на тоа што таа не знаела каде ќе спие вечерта. Почнала да си го гледа домот од сосема поинаква перспектива, уште повеќе поврзувајќи се со своето милениче.
Резултат на истражувањето е и посебно дизајниран душек за спиење кој би одговарал за овие необични места. Тоа е практично флексибилен кревет направен од полипропилен и супстанца добиена од ориз и најлон. Кога тој ќе се наполни внатрешноста се згуснува но сепак останува доволно мека за да биде пријатна за телото. Кога не се користи, воздухот се истиснува и душекот може да се замота. Истиот може да се користи за олеснување на спиењето на луѓе кои се приморани да спијат во метро, подруми и засолништа.