Петок е и после напорната работна недела може да се потсетиме на стиховите од ЕКВ - „Уморот е како поток во мене/риба во вода/подрум во куќа“. И не сме единствени кои го чувствуваме заморот дури и од тоа да бидеме постојано уморни. Луѓето насекаде и во сите историски епохи имале причина да се жалат на умор, иако можеби не кукале толку колку што тоа го правиме ние.
Францускиот историчар Жорж Вигарело има нова книга во која го покажува токму ова - дека уморот има долга и фасцинантна историја. Со оглед на тоа што неговиот извор може да е и психолошки, и физиолошки и социјален, занимавањето со уморот ја покажува врската помеѓу умот, телото и општественото ткиво. Кого или што обвинуваме за нашата истоштеност и кои се причините за тоа? Денес најчесто обвинувани се новите технологии, интензивираната капиталистичка конкуренција, економската ситуација, стресовите произлезени од работното место и стравовите за иднината на планетата. Но и покрај тоа што можеби била резултат на други елементи, истоштеноста и тоа како ги мачела и нашите предци.
Уморни војници, патници, селани - до просветителството уморот генерално бил сфаќан како резултат на нерамнотежа помеѓу четирите телесни течности и како физичка сензација. Но како што индивидуалноста во западните општества растела (без оглед дали таа била само претпоставена или вистинска), наметнувањето на идеалот за независност и слобода постојано ни го отежнувале справувањето со предизвиците и ограничувањата на светот околу нас. Ова сознание, дека во поголема група може да се функционира поефикасно и со помалку индивидуален напор нè прави растргнати помеѓу тенденциите за автономност и користа од тоа да се биде дел од поголема целина.
Авторот комбинира различни извори - книжевни дела, морални трактати, медицинска литература, дневници, писма, мемоари, речници. Во нив не се спомнува она што денес го подразбираме под „добар умор“ - резултат на физичка активност во природа. И разбирливо, затоа што ваквиот однос кон неработата и слободното време не бил карактеристичен до втората половина на 18 век кога во Европа се појавува аристократија која инвестира во спортски и рекреативни активности. Особено е симболичен уморот од искачување високи планински врвови, што од „обичниот“ народ се смета за бесмислен ризик, но кој одеднаш станува синоним на успех. Откако државите почнуваат да се демократизираат сите граѓани се повикани да учествуваат во колективното збогатување - тогаш се појавува друг вид на умор, кој е поврзан со солидарноста и оттаму крајно позитивен, оној на докторот, полицајците или земјоделците кои благодарение на својот труд „му служат на народот“.
Денес каков и да е умор е знак на слабост - се цени способноста на прилагодување на промените, брзината, ефикасноста. Во таа бесконечна трка нема место за истоштените. Оттаму, се јавуваат спротивни тенденции, на трендови на неправење ништо, барем на момент прифаќање на уморот како нешто на што не треба да му се пружа отпор туку да се научи да се живее со него, бидејќи очигледно и во иднина тој ќе биде нешто на што ќе мораме да сметаме. Уморот, имено, не се заморува.