Историјата на „ме боли“

Медицината има свои ограничувања на толкувањата на болката како искуство чии извори се често повеќекратни или мистериозно неодредени. За да ја разбереме, потребни ни се историјата, филозофијата и уметноста.

Искуството на болката не е универзално. Тоа се менува со текот на времето и се разликува од место до место. Анализата на ваквата историја ја става во прв план политиката која стои во јадрото на обидите таа да се измери, да се признае како таква или да се отфрли како непостоечка.

Јазикот на болката, кој може да се следи наназад до антиката, го спојувал физичкото и емоционалното. Преклопувањето на тагата, очајот и вознемиреноста со физичката болка лежи во основата на вообичаените изрази за страдање на старогрчки, латински, арапски, урду, хинди, кинески, како и на англиски и други европски јазици. Илјадници години, изјавата „ме боли“ можела да означува и физичка и душевна болка. 

Истовремено, и иконографијата на болката била разновидна, со примери во кои таа не е директно изразена но сепак е очигледна, како атмосфера. Со документирање на ваквите претстави може да се покаже и огромната разновидност, но и континуираната историја на поврзувањето на емоционалното со физичкото. 

Така, старогрчкото ἄχεος (ákheos) е еден од клучните термини за тага или мачно чувство кој се среќава во „Илијадата“, но е истовремено еден од големиот број зборови во овој јазик за означување на болка и страдање. И покрај поврзувањето на Ахил со други страсти, токму болката се наоѓа во основата на неговото име. Може да се спори дека тој е измислен лик, полу-бог; дека неговата болка е книжевна но не и буквална, и дека таа не е човечка. Па сепак „Илијадата“ била извор на идеи и практики поврзани со доблеста, верувањата, водењето војна и обредноста со векови. Таа била клучна за „брендирањето“ на Грците во класичниот период - ако Грците научиле како да се справуваат со болката, тоа делумно го сториле преку „Илијадата“ и преку Ахил.

Тие практики на излегување на крај со болката се менувале, и покрај зачувувањето на приказните. Во „Илијадата“, кога Ахил дознава за смртта на Патрокло, неговиот пријател и можен љубовник, тој се фрла во прашината и си ја кубе косата, додека оние наоколу тажат. Кога ќе се соочи со трупот на саканиот, тој плаче и вреска. Кога мајка му на Ахил доаѓа со новиот оклоп, го наоѓа синот како се уште клечи покрај мртвото тело на Патрокле, ридајќи.

Но до времето на Платон голем број од наводните доблести промовирани во „Илијадата“ биле доведени во прашање. На керамички сад направен околу 300 години по „Илијадата“, фигурата на Ахил е прикажана во тој ист момент, но уметникот не го слика во солзи - наместо тоа тој е целиот прекриен со наметка. Откриено му е само темето и, симболично, неговата пета. 

Ваквото покривање во тој период бил начинот на кој луѓето ги криеле солзите и тагата. Отвореното кукање се сметало за неприфатливо и срамно, особено за мажите. Превезот бил сигнал дека човек сака привремено да биде оставен на раат и во себе, тивко, да го преболи непреболивото.

Многу години подоца, норвешкиот уметник Едвард Мунк го разбрал потенцијалот на невербалното и на „каменото“ лице. Инспириран од данскиот филозоф Кјеркегор и неговиот концепт на „ангст“, истовремено живеејќи во сиромаштија со постојани суицидални мисли, Мунк бил длабоко втопен во fortvilelse - мешавина на очај и насилен гнев. 

Најпознат израз на ова чувство е неговата славна слика „Крик“ (1893), но таа е само една од серија визуелизации на истата тема. Нејзе ѝ претходела „Форвилелсе“ (Очај, 1892, слика горе), придружена со текст: „Чекорев долж патот со двајца пријатели - сонцето заоѓаше и небото одеднаш стана крваво - почувствував наплив на меланхолија, застанав и се потпрев на оградата уморен како смрт...Моите пријатели продолжија да пешачат а јас стоев вознемирен со отворена рана во градите. Ми доаѓаше да ја раскинам природата со огромен, бесконечен крик“.

Денешните болки споредливи со оние на Мунк бараат поинакво знаење од чисто медицинско. Во интервју од 2021 Лејди Гага зборуваше за трајните последици од траумата по силување што го доживеала кога имала 19 години. Таа се манифестирала, меѓу другото, со постојана физичка болка и со трнење поради кое не можела да си го почувствува телото. Физиолошката манифестација на емоционалната болка довела до тоа докторите да ја истражуваат внатрешноста. Но бројните магнетни резонанци и други испитувања не довеле до одговор ниту до подобрување. 

Денес ваквите болки сè почесто се земат за сериозно и не се сведуваат само на толкување на болката како сетилна перцепција или физичка повреда. Медицинските научници од 19 и 20 век се обидувале да ја сфатат „објективноста“ на болката - како таа функционира, како да се препознае, како да се мери и да се набљудува. Ваквото механичко објаснување, пак, се поврзувало со етничкото, родовото и друго потекло. Така, во различни историски периоди, децата, жените, Евреите, Афро-Американците и домородното население од различни земји биле сметани за несензитивни или прекумерно сензитивни, такви кои прекумерно си ја изразуваат болката (хипохондрици, „кукачи“) или обратно, такви кои не можат да почувствуваат болка. Но на последново не се гледало баш добро - неспособноста да се искуси болка и да се реагира соодветно на неа се сметало за нечовечка карактеристика, и се припишувала на криминалните класи. 

Во јули 2020 се ревидирани некои од претходните работни дефиниции на болката кои датирале од 1979, и се додадени неколку точки. Тие гласат:

- Болката е секогаш лично искуство кое е повлијаено, во различен степен од биолошки, психолошки и социјални фактори;

- Болката не може да се поврзува исклучиво со активноста на сетилните неврони (не е само резултат на сетилна дразба);

- Во текот на нивните животни искуства, поединците го учат концептот на болка;

- Описот на искуството на болка на поединецот треба да биде почитуван; 

- Иако болката најчесто има адаптивна улога, таа може да има негативен ефект врз функционирањето на поединецот и на неговата социјална и психолошка благосостојба; 

- Вербалниот опис е само еден од неколкуте однесувања кои рефлектираат болка, неможноста таа да се искомуницира не ја негира можноста дека човек или друго животно ја искусува.

Овие ревизии нудат алатка за радикална трансформација не само на тоа како се третира болката, туку и како таа се истражува. Но втората точка е особено важна кога станува збор за ставањето на секое истражување во историски контекст - ако таа се учи, тогаш може и да се од-учи, односно некои нешта кои денес нè „болат“ да престанат да го прават тоа или затоа што ќе исчезне изворот на вознемирувањето, или (пореално) затоа што ќе се навикнеме на неа.

извор

10 јануари 2023 - 10:32