Секојдневните звуци ни се чинат ефемерни, нив ги разбираме само како декор на секојдневието, ги регистрираме само ако се премногу гласни и вознемирувачки. Но „звучниот пејсаж" има своја историска димензија и еволуција, која има врска и со технологијата, но и со начинот на кој луѓето се однесуваат кон производството и кон слушањето звуци.
Звукот на молња, тропотењето на коњи, ѕвецкањето на есцајг - секоја генерација е навикната или се навикнува на звуци кои потоа се сметаат за вообичаени за човечкиот репертоар, кој сепак не само што не е универзален туку е и историски променлив.
Во 1903, Исак Рајс и неговата жена Јулија, обајцата големи љубители на уметноста, посакале да избегаат од бучниот Бродвеј. Тие изградиле куќа на четири спрата на мирна улица полна дрвја по која главно не минувале автомобили. Исак, капиталист во подем, инвестирал во апарати како компресори за воздух, подморници и електрични возила, а Јулија била лекарка. Обајцата сакале да избегаат од таканаречениот „Њујоркитис", болест која според една книга од 1901. заразно се ширела и зафаќала голем процент население на Менхетен, а се должела на според тогашните стандарди големата бучава, предизвикана пред сè од бродовите на њујоршките докови - се претпоставува дека во просек се слушале 1116 гласни сирени, кои особено ги вознемирувале сиромашните и болните во јавните болници по текот на Ист ривер и островите.
Јулија Рајс оттаму се ангажирала за спроведување на национална кампања, која набргу вродила со плод: во 1907 Конгресот потпишал закон според кој бродските сирени во федералните води требало да се стишаат. Истата година таа го организирала и првиот состанок на Здружението за задушување на непотребната врева, во библиотеката на нејзината куќа, кадешто гостите слушале, со гримаси, грамофонски снимки на автомобилски сирени и други улични звуци. Тие биле примери на прекумерна бучава, која морала да се стивне. Претседател на еден од ограноците, одговорен за тишината околу детските болници, станал Марк Твен (текст во Њујорк Тајмс на оваа тема од фебруари 1908 тука)
Ова здружение е заслужно за еден голем напредок: тивки зони, кои најпрвин биле вопоставени околу болниците, а потоа и околу училиштата. Концептот на зонирање на тивкоста потоа се префрлил и во јавните паркови, кои станале оази на мирот. Но вон овие „тивки острови" бучавата продолжила: хеликоптери, подземни железници, гласна музика во кафаните, комбинирана со исто таквите рингтонови на човекот на соседната маса и неговото звучно чистење на забите по јадењето. Да, има нешто и во нашите истенчени нерви, но и во навистина ненеопходната бучава, која би можела да се намали, ако сите барем за момент - заќутиме.