Честитки за победата на првото државно првенство во Катан. Како дојде до тоа да се пријавиш? Колкаво искуство имаше претходно со конкретната игра?
Најпрво да се заблагодарам за честитките, навистина ми е чест што сум победник на првото државно првенство во CATAN.
Позадината на моето учество на турнирот е многу смешна и чудна затоа што првично воопшто не се ни пријавив (се смее). Двајца од моите другари со кои редовно играме CATAN го пратија настанот уште пред неколку недели и веднаш се пријавија, јас се мислев, никогаш немав играно со непознати луѓе, се туфкав неколку дена и реков ајде некој следен пат можеби. Минатиот петок, на два дена пред турнирот, еден од другарите пиша дека брат му нема да биде во можност да присуствува и јас всушност настапив на првенството како негова замена. Дефинитивно должам една кафана за да се оддолжам за отстапеното место.
CATAN како друштвена игра ја знам од пред околу 10 години и ја имав играно само неколку пати. Последнава година со мојата “Џеки” екипа редовно играме минимум два пати неделно по 3-4 партии, некогаш тројца, некогаш четворица, ретко и петмина, зависи кој кога е слободен. Би рекол дека имам солидно искуство во CATAN, но не колку што имаат други луѓе кои многу подолго и поредовно ја играат играта. На турнирот во неделата разговарав со играчи кои кажаа дека CATAN активно ја играат повеќе од 10 години, што е навистина за почит!
Бидејќи колку што знаеме ова е прв официјален државен натпревар во некоја друштвена игра, може ли да ни ја опишеш атмосферата и организацијата? Колку партии вкупно беа потребни да дојдеш до победата? Дали ти или соиграчите имавте некоја посебна стратегија?
Државното првенство се одржа во Public Room во организација на дечките од Гоблин и навистина имам само пофални зборови за нив како организатори на настанот. Атмосферата беше ептен пријатна, а како и не би била со толку позитивни, насмеани и дружељубиви луѓе. Покрај пријавените играчи на првенството беа присутни и луѓе кои дојдоа чисто да бидат дел од настанот, дел од нив си имаат донесени и свои друштвени игри кои си ги играа на другите маси, навистина многу кул настан.
На првенството требаше да учествуваат 64 луѓе, но најверојатно двајца играчи не се појавија и првенството почна со 62. Секој од играчите првично играше по три партии, секој пат со различни противници. За прво место на партијата се добиваа 5 поени, за второ место 3 поени, за трето место 2 поени и за четврто место 1 поен. Самоил и Владимир од Гоблин водеа официјална Excel табела во која се внесуваа резултатите од секоја партија, и откако сите играчи изиграа по три партии, 16-те играчи со најмногу собрани поени влегоа во полуфинале.
16-те полуфиналисти беа поделени на 4 маси, и победниците од секоја од 4-те маси влегоа во големото финале. Во конкретниов случај финалистите бевме јас, Мила, Стефан и Иво (фото доле), до кои сакам да испратам голем поздрав за фер игра и супер енергија дури и во тензичен момент каков што е финале во било какво натпреварување.
Во првите три партии имав едно второ место и две први места. како и две победи во полуфинале и финале, што значи дека победив на првенството со вкупно 4 победени партии.
Јас лично искрено немав никаква посебна стратегија ниту пак некакви очекувања, најверојатно поради тоа што се погоди да се пријавам на турнирот два дена пред истиот да почне, а и поради фактот што на турнирот беа пријавени играчи кои верувам дека се доста посериозни играчи од мене, со мнооогу повеќе изиграни партии и многу поголемо искуство. Дојдов скроз лабаво да се подружиме, да изиграме некоја партија CATAN и преку сплет на околности и елемент на среќа излегов како победник на крај.
Додуша во финалето имав стратегија, а тоа беше да бидам тивок и да не привлекувам многу внимание затоа што имав многу развојни карти во рака и низ скоро цела партија криев 4 поени, кои беа клучни за победата на крај (се смее).
Освен „Катан“, која ако не ти била сега веројатно ќе ти стане омилена, кои други друштвени игри ги сакаш и би ги препорачал?
CATAN ни е дефинитивно најомилена игра во друштво последнава година, најверојатно поради тоа што има елементи на стратегија, преговарање и среќа, а воедно и секоја партија е потполно различна, со различен setup и различен пристап.
Scotland Yard е меѓу првите board games кои ги имам играно уште како мал, па затоа би ја извдоил како игра која ми е при срце и која би ја играл во секое време.
Како останати игри кои сум ги играл, од кои дел и поседувам, би ги издвоил Ticket to ride, Azul, Splendor, Celestia, Secret Hitler, Sushi Go, Cluedo. Верувам дека има уште мал милион интересни кои не ги знам или не сум ги играл, така што читателите и поискусните играчи можат да предложат некоја игра која вреди да се купи и игра.
Што си инаку по професија и дали имаш некои други хобиња?
Работам како помлад консултант за животна средина и енергетска ефикасност во компанијата ЕкоМозаик од Скопје.
Огромен фанатик сум за спорт, така што како најголемо хоби би го избрал гледањето и анализирањето на различни спортови, најмногу фудбал, кошарка (NBA), американски фудбал (NFL) и Формула 1. Тоа е нешто што секогаш ме исполнувало и ми било интересно. Дружењето и играњето друштвени игри и карти со другарите ми е на close second place.
Покрај овие две работи гледам да сум колку-толку активен со играње фудбал, трчање, чат-пат кога ќе ме натераат качување на Водно и слично. Ме интересираат многу различни теми и постојано гледам видеа и пробувам да научам нешто ново секој ден.
Имаш ли некој план за Европското првенство во Копенхаген? Можеби ќе се ставиш на посебен прехранбен режим, ќе одиш во теретана, ќе гледаш видеа со претходни натпревари?
Буквално 15 минути откако заврши турнирот во неделата, другарите, кои цел ден беа присутни (дел од нив играа, дел од нив само даваа поддршка), веќе кроеја планови како сите да одиме во Копенхаген и еве, пројдени се само три дена откако заврши државното првенство, а веќе 7-8 луѓе од најблиското опкружување купивме авионски карти (хахахаха). Ептен не фати инстантна еуфорија, вакво договарање сме немале за најобичен викенд. Се надевам дека до датумот на тргање се ќе биде како што треба и ќе бидеме во можност да отидеме сите, јас како настапувач на европското, а останатите како стручен штаб/делегација. Им се заблагодарувам од сесрце на овие луѓе за споделената радост и еуфорија, да не ги набројувам сите, си знаат кои се.
Ептен сум среќен и ми е драго што ни се пружи приликава, навистина мислам дека е шанса што се пружа еднаш во живот. Одиме на Европското првенство во Копенхаген со цел да ја претставиме македонската CATAN заедница во најдобро можно светло, и да се вратиме со медал.
За сега немам некој посебен план за спремање, чекам малце да спадне еуфоријата па со чиста глава да можам да ги почнам подготовките. Сигурен сум дека до крај на октомври ќе се изиграат стотици партии CATAN со другарите за да се одржи формата.
На најдобриот и најискусниот играч во наше друштво, Уки, минатата недела на два дена пред турнирот му се роди ќерка и им ја посакувам целата среќа на светот! Се надевам ќе успее да одвои неколку саати во следниве два месеци да ми помогне во спремањето! Покрај Уки тука е останатиот дел од “Џеки” екипата – Фики, Трајче и Олег кои се дел од стручниот штаб кој ќе оди во Копенхаген и кои ќе ме спремаат овие два месеци и ќе се погрижат да бидам во најдобра можна форма. Отворен сум и да играм со било кој што е заинтересиран, зошто да не и на некој поголем собир.
Навлечен сум на Youtube, така што сигурно ќе гледам и студирам видеа од CATAN турнири, ако ништо друго да работам на англиската CATAN терминологија.
Во „Катан“ има момент на среќа но и на соработка и преговарање за ресурси. Во секој случај неминовно е да се запознаеш со нови луѓе, макар и се скарале за овци, глина или камења. Запозна ли нови луѓе и дали мислиш дека во Македонија има потенцијал за поголема заедница љубители на друштвени игри кои нема да играат само по дома, туку ќе ги користат и за промовирање активизам и позитивни вредности? (екологија, учење низ игра, дружба)
На настанот познавав околу десетина луѓе и се погоди во петте партии кои ги изиграв да не се паднам на иста маса со ниту еден од нив, така што преку игра се запознав со преку 15 луѓе, а дополнително на настанот со уште сигурно десетина. Сите луѓе кои ги запознав беа скроз искулирани и во ниеден момент не дојде до некаква тензична или непријатна ситуација.
Мислам дека друштвените игри тек допрва земаат замав во Македонија и сметам дека се се поактуелни после Covid-19 кога многу луѓе неможејќи да излегуваат и да водат најнормален живот се свртеа кон играње на игри, дали онлајн, дали во живо. Верувам дека има гооолем број на луѓе во државава кои редовно играат board games и затоа охрабрувам да се организираат што е можно повеќе настани од ваков карактер!
Друштвените игри се одличен тренинг за умот, трпението и тимскиот дух и верувам дека овие карактеристики можат да најдат примена во секојдневниот живот.
Види претходно: Букбокс осврт за „Катан“