Интернет бегство на помирни места - што е тоа „котиџкор“?

Некаде онлајн постојат ливади посипани со ситни цвеќенца, сончеви зраци кои ѕиркаат низ гранките, стадо диви елени и кошници полни печурки. Во селската колиба со сламен покрив мириса на тазе пита, а пред неа се суши облека која мириса на лаванда.

Звучи како почеток на некаква бајка, но всушност станува збор за ново естетичко движење наречено „котиџкор“ (колибо-кор, „кор“ како во хард-кор), базирано на визуелна култура на идеализиран живот на селски имот. Вообичаените теми се градинчиња, животни, природа и селска самоодржливост. Фотографиите кои би спаѓале во овој жанр за циниците се кич, по малку замаглени и преромантични, но нивната цел е да го доловат пасторалното искуство и модерните ескапистички фантазии за мали домови, едноставност, капење во шумски езерца и детства без мобилни.

„Котиџкор“ е поврзан со грандмакор (бабакор), ферикор (самовилокор), фармкор, гоблинкор, ханикор (медокор) и др. Заедничко за сите нив е желбата да се живее во свет надвор од овој во кој сега живееме: без нотификации, без итни мејлови, без друг труд освен домашниот. Свет во кој секоја пита би имала совршена крцкава корка. Во кој облеката, перена на рака, мириса на илјада цветови и е беспрекорно бела (затоа што и нема од што да се извалка). Во кој дивите животни ти јадат од рака.

За разлика од реакционерните движења на „традиционалните сопруги“, во основа десничарски мајки-блогерки кои промовираат враќање на старите (и според нив добри) традиционални родови улоги, котиџкор нуди визија на домашна благосостојба без ваквата бинарна рамка. Меѓу припадниците на ова движење има и лезбијки и поддржувачи на правата на квир заедницата.

Секако, сето ова има врска и со други делови од поп-културата, филмови, серии и архитектонски трендови. Списанието Architectural Digest, на пример, за топ дизајнерски тренд на 2020 го прогласи „винтиџ максимализмот“, кој е разнобоен, топол и користи стар и реновиран мебел, комбиниран со старински тапети и тантелени завеси. Прирачниците за самопомош промовираат минимализам како животен пристап.

И котиџкор и радикалниот минимализам се можеби крајно нереалистични описи на животот - филтрирани до совршенство кое не е можно да се постигне во реалноста. Носталгичната нишка пак е мета на критики заради колонијалното наследство кое на овој начин (ин)директно се промовира. Но во хаотични времиња, оптимизмот и спокојот кој преовладува на овие блогови и фотографии се некако топли и утешни. Ако имате некоја наследена куќичка во шума, каде никогаш не сте се мотивирале да појдете, сега му е мајката.

извор

11 март 2020 - 11:48