За проблемот со „железната завеса“ кон знаењето поради големите пари кои се потребни за претплата и објавување во престижните научни списанија сме пишувале и порано. Но дури и оние кои овозможуваат слободен пристап имаат проблем со преминот од физички списанија (на хартија) кон такви кои се дигитално достапни. Истовремено, дигиталното чување подразбира трошоци за хостирање и одржување, а понекогаш институциите имаат финансиски потешкотии и немаат веќе пари за оваа ставка. Помеѓу 2000-2019 на овој начин исчезнале стотина (!) списанија со отворен пристап. Уште за 900 има ризик да ги снајде истата судбина.
Списанијата кои се загрозени се однесуваат на различни области, но со оглед на тоа што особено во природните науки и технологијата работите се движат со неверојатна брзина, некои од текстовите би им биле од интерес само на историчарите. Во секој случај не смее да се дозволи загуба на научни публикации, особено на такви кои уште од своето прво објавување се бесплатно достапни.
За да ја исполни оваа мисија, невладината организација Интернет архива, американска дигитална библиотека чија мисија е „универзален пристап до сето знаење“ (20 милиони книги, 3 милиони филмови и видеа, 7 милиони аудио фајлови итн.) формираше состпвена платформа за пребарување научни текстови, која вклучува 25 милиони истражувачки статии и други релевантни документи, кои се чуваат на нејзините сервери. Тука спаѓаат статии објавени од 18 век до последните конференциски реферати и пред-принтови (текстови кои се објавуваат пред да бидат конечно одобрени за печат) кои се објавени со можност за отворен пристап.
Сајтот до кого можете да стигнете тука се уште е во „алфа“ фаза, што може да се заклучи и според естетски сомнителниот избор на фонтови и дизајн, но како концепт има потенцијал да придонесе кон повеќе од неопходната револуција во академското објавување на научни статии на начин кој е јавно достапен, непрофитен и без потреба од тоа истражувачите да се чувствуваат како „пирати“ или криминалци, кога сакаат да имаат пристап дури и до сопствените трудови.