„Кој е најлесниот начин да изнервираш тапанар? Дај му ноти и натерај го да свири по нив“. Ова е стандарден виц кој се кажува за бубњарите, кои стереотипно се музички необразовани, гласни и агресивни. Врз примерот на Ринго, дури и малку недоветни.
Но од тапанарот на „Крим“, Џинџер Бејкер, преку прерано починатиот тапанар на „Ху“, Кит Мун, до Дејв Грол или Стујард Коупленд од „Полис“, голем број тапанари го имаат докажано токму спротивното, брилијантно читајќи ноти, пишувајќи композиции и често наметнувајќи се како водачи на бендовите. Помеѓу нив има и јаки жени, како Карен Карпентер од дуото „Д Карпентерс“, која инспирираше голем број девојки да се ориентираат кон за нив нетипичните бубњеви.
Оваа 2022 година германскиот Шлесвиг-Холштин музички совет, организација одговорна за регионално покривање на музичката сцена во именуваниот најсеверен регион на Германија, ја посветува токму на тапаните. Taa бира „инструмент на годината“ од 2008, а до сега во фокусот биле обоата, органата, харфата и други инструменти потипични за класиката. Во споредба со нив, тапаните можеби немаат значајна улога во таканаречената „сериозна“ музика, но се од суштинско значење за попот, рокот, панкот, металот. Она што е интересно е дека и покрај тоа што тие се користат откако постои човекот, за повикување на божества и духови и како ритмички придружник при танцот (џембе во западна Африка, таико тапани во Јапонија, тимба во Јужна Америка, дарбука во Северна Африка, нашите тапани и тарабуки), сепак сетот тапани онаков каков што го знаеме денес е стар само околу 100 години.
Конфигурацијата на раните тапани била слична на онаа денешната: бас тапан, страничен тапан и висечки „том“, плус чинели. Првиот комплет влегол во масовно производство во 1918 од корпорацијата Лудвиг драм. Подоцна „Греч“ (САД), „Премиер“ (В. Британија) и „Сонор“ (Германија) исто така почнале да прават тапани, а азиските компании влегле на пазарот со Јамаха, Прл и Тама.
Види претходно: „Најстарата тапанарка на светот“