Во изминатите 19 години Импров Евривер имаат стотина проекти кои вклучуваат илјадници тајни изведувачи. Можеби се сеќавате на „Замрзнатата станица Гранд Централ“, каде над 200 луѓе застанаа мирно на точно пет минути, или можноста случајни минувачи да диригираат со оркестарот на Карнеги Хол. Групата е активна и за време на пандемијата, а најновата мисија им беше отворањето на „социјално најдистанцираната канцеларија“ среде Ист Ривер со „најдобрата Зум позадина“ која го вклучува хоризонтот на Менхетен, а во која може да работи секој оној што ќе се пријави.
Како и сите местенки и овие играат на картата на изненадувањето, но, иако тоа не им е примарната идеја, истовремено претставуваат и некој вид социјални експерименти. Таква е мисијата број 27, Мебиус, еден вид временски „луп“ создаден од Чарли и шестмина пријатели во дуќан на Старбакс. Станува збор за низа од настани кои се повторуваат одново и одново. Целата приказна почнува кога Чарли и неговата девојка почнуваат да се караат за цигари кои ѝ ѕиркаат од чантата. Караницата завршува со тоа што таа луто заминува, а Чарли трча по неа. Агентот број три истура вода, станува, зема салфетки и се враќа назад, по што повторно го прави истото. Агентот број четири разговара на телефон, оди до прозорецот за подобар прием па се враќа на столчето. Агентот број пет оди до тоалетот, гледа дека редот е долг па се враќа. А агентот број шест кива во одреден момент. Кулминацијата е кога уште еден учесник влегува во Старбакс со бумбокс на кој свири „Шајни, хепи пипл“ од РЕМ.
Интересно e што никој од присутните не забележал ништо ни по неколку повторувања. Дури по шестата караница некои од гостите сфатиле дека тука има нешто чудно и почнале да предвидуваат што ќе се случи следно, на некој начин диригирајќи со настанот. По десетина повторувања групата едноставно си заминала од местото, без коментар.
Тод објаснува дека сака да живее во свет во кој сè е возможно, во смисла на тоа дека не се потребни телевизија или филмови за да ни покажат фантастични нешта и приказни. „Да се обидеме да го поттикнеме тој вид возбуда во реалниот свет“, вели тој.
Но не сите проекти завршиле славно и со восхит. Еден од нив, „Најдобрата свирка на сите времиња“, предвидувал да се отиде на концерт на непознат рок бенд и да се приреди неверојатна атмосфера, каква што тој воопшто не очекува.
Случајно избраниот бенд е „Духовите на Паша“ од Вермонт, за кого Тод и пријателите немале слушнато претходно. Тие требало да свират во Њујорк на два пати во тек на два дена. Логиката на Чарли била дека на првата свирка би дошле сите нивни пријатели и роднини, а дека на втората не би имало луѓе. Така и излегло. Кога влегле во клубот, Чарли и неговите 35 „тајни агенти“ нашле само тројца гости. Претходно биле добро подготвени - ги имале симнато сите шест песни и ги имале научено стиховите на памет. Некои направиле и маици и привремени татуа со логото на бендот. Секако, глумеле дека не се познаваат меѓусебно, пристигнувале или во помали групи или поединечно. Кога почнала свирката публиката експлодирала - почнале да го скандираат името на бендот, да бараат која песна да биде свирена следна, а кулминацијата се случила кога неколку момци почнале да си ги кинат маиците и да ги вртат околу глава, а девојките френетично да врескаат.
Бендот никогаш претходно немал доживеано вакво нешто. Биле тотално збунети но и пресреќни. Бидејќи публиката реагирала како да се Битлси, тие и се однесувале така - дале сè од себе. Мислеле дека тоа е нивниот конечен пробив на сцената, и дека после ова ништо нема да биде исто.
Но разочарувањето настапило откако по три дена целата местенка се нашла на сајтот на Импров евривер. Луѓе почнале да им го испраќаат видеото, некои со благонаклона загриженост, но други со отровни коментари. Најтешко поминал гитаристот, кој уште од мал имал проблеми со малтретирање од страна на врсниците и постојано исмевање од околината. Со тоа што почнал да свири во бендот почнал период на формирање на неговата самодоверба, иако на стаклени нозе. Сето ова го фрлило назад во депресија.
Целата приказна е раскажана во епизода на подкастот „Овој американски живот“ под наслов „Умствени игри“. Во меѓувреме, откако поминал првичниот шок, бендот успеал целиот настан да го сврти во своја полза - го искористиле публицитетот за да си ја промовираат музиката, а некои од членовите дури и се придружиле на следни проекти на Импров групата. Гитаристот во епизодата вели дека целиот настан за него бил подарок - бесплатна психотерапија, кој му помогнал да ги надмине стравовите од јавното мислење.
Проектите на групата се опишани во книга на Чарли Тод од 2009, „Правење сцена: неверојатни местенки на обични места со Импров Евривер“.