Наспроти древната максима, името за оние кои се подготвени да го сменат заради наградна игра сепак не е судбина, туку стока со трговска вредност. Трансакцијата „ти мене името-јас тебе награда" звучи како евтина фаустовска завера, но е реална маркетинг кампања на германскиот авиопревозник Луфтханса.
Компанијата во октомври оваа година од Швеѓаните побарала законски да си го сменат името во Клаус-Хајди (кованица од најчестите германски имиња), да објаснат зошто го направиле тоа, и така да се кандидираат за „нов живот" во Берлин, во форма на бесплатен авионски билет во еден правец до германскиот главен град и цела година обезбеден стан и живеачка во престижни населби во градот. Дилот вклучува наместен голем стан со тераса, целосно опремена кујна и велосипед со вашето име на него, три лета до Франкфурт и Минхен (за да ја запознаете и земјата) и бесплатни часови по германски.
Реакцијата на предлогот била неверојатна. 42 Швеѓани на возраст од 19-69 години си го смениле името и се квалификувале. Седумдесет отсто од нив се мажи. Половина од пријавените живеат во Стокхолм, од кои деветмина се од Содермалм, населба која стана позната по романите на Стиг Ларсон.
Она што е веројатно карактеристично за сите нив е желбата за промена во животот, некаков сон когошто мислат дека ќе го остварат токму во Берлин, кој на овој начин преку маркетинг кампањата станува европски пандан на Њујорк и исполнувањето на американскиот сон.
Луфтханза беше обвинета дека прави нешто повеќе од обична реклама, односно дека врши социјален инженеринг создавајќи сосема ново население на шведски Клаус-Хајди. Но Магнус Енгвал, маркетинг експерт во Луфтханза вели дека никој не бил натеран со сила да си го менува името. Сепак тоа што токму Швеѓаните се целна група на кампањата не е случајно - статистичките податоци велат дека тому ова население многу често си ги менува личните податоци, главно заради отпор кон традиционалните шведски имиња и презимиња (оние кои завршуваат на „сон"), но и како резултат на лабавите закони на оваа тема, кои дозволуваат промена заради каква и да е причина. Токму затоа било можно во оваа земја да се појават 42-јца „Клаус-Хајди" за само еден месец. Победник е извесен Клаус-Хајди Андресон, години 24, кого го имате на сликата. Не знаеме како се викал претходно, но се надеваме дека ќе му се исплати.