Секоја професија си има свои болести: фризерите ризикуваат тромбоза, компјутерџиите дебел диоптер, професорите нервен слом. Писателите пак, ако не внимаваат на јадењето и вежбањето, ризикуваат качување килажа.
Коментаторка на Гардијан, Сузи Штајнер, авторка на четири романи, ова си го сфатила сериозно, и почнала да води статистика како изгледа нејзин просечен ден доколку не вежба. Излегло дека не прави повеќе од 2.000 чекори, резултат на неизлегување од дома и на долго седење кое е, нели, „новото пушење“.
Она што ја разликува писателската професија од онаа на новинарите и другите пишувачи по интернет е што тоа составувањето роман главно не се прави под хроничен стрес од рокови, остава простор за одложување на обврската, но и за многу сонување на јаве. На пример фантазии околу тоа дека возиш статичен точак додека нозете ти се пријатно качени на работната маса, или пливање, додека вистински пливаш само во својата пот.
Откако сфатила дека ова не е само нејзин проблем, туку дека и други писатели (главно жени) се жалат на најмалку четири килограми плус по книга, како и на „експоненцијално ширење на газот“, дошла и до можното решение - пишување на лента за трчање. Иако звучи сулудо (особено горната „хрчак“ верзија), неа ја користат (или викаат дека ја користат) повеќемина писатели, меѓу кои на пример Ема Донохју, авторка на „Соба“ според која беше снимен филмот со Бри Ларсон. Всушност, се работи за маса која може да се користи нормално, со седење, но има опции и за стоење, и за стоење со бавно одење.
Барем помеѓу Британците изгледа дека голем број современи писатели трчаат, одат на фитнес или вежбаат пилатес. Но најдобриот совет кој го добила Штајнер е - земи си куче. Така ем не си оставен сам на себе и на својата (не)дисциплина, туку често мораш да излезеш и кога баш не би. На кучето не мора да му правиш муабет, па додека трчкаш покрај него можеш да размислуваш за следниот пасус. Ако не па, удирањето со глава по тастатура исто помага во трошење калории. Иако не и за газот.
Што се однесува пак до нашите писателски перјаници и задници, еве го фитнес ставот на еден од нив (виа @JasnaKoteska). Да се биде физички активен, особено јавно, за Гане Тодоровски според овој извадок било „срам“ и работа на писателско достоинство. И има право човекот, мислата на Буковски во фул спортска опрема како мртов сериозен прави „пленк“-ови дур пие протеински шејк ни е навистина недостоинствена.