Има повеќе од еден начин да изгориш идеи

„Разбудени“ од сите земји - заќутете! Вака би пишувал денес Бредбери за цензорите кои не гледаат ништо иронично во тоа што изрекуваат забрани во име на либерални идеи и слободи. Нему нештата сепак одамна му биле јасни.

Парадоксално, но „Фаренхајт 451“, романот на Бредбери кој зборува за палење книги и репресирање идеи, самиот бил цензуриран, а слична судбина имале и други негови дела. Не официјална, гласна и државна цензура, но од оние подмолните и тивките, направени во името на политичката коректност - чрктни придавка ваму, промени глагол таму, пресечи набафтана и залепи, и биди горд на зомбито од дело кое останало. 

Ова е неговиот одговор на ваквите обиди да се чепне во естетиката на индивидуалното уметничко дело. Годината кога ова е напишано - 1979. 2021, а надо-будните уште се тука, погласни од кога и да е.

„Пред две години пристигна писмо од сериозна млада дама од колеџот Васар, која ми кажа дека уживала читајќи го мојот експеримент во вселенската митологија, Марсовските хроники.

Но, додаде таа, нели би било добра идеја, накнадно да се пренапише книгата, додавајќи повеќе женски ликови и улоги?

Неколку години претходно добив повеќе писма во врска со истата книга, во кои луѓе се жалеа дека црнците во неа биле „чичко Томовци“, и зошто да не ги „преработам“?

Заедно со тоа стигна белешка од бел јужњак, кој сугерираше дека сум бил пренаклонет кон црнците и дека целата приказна треба да се повлече.

Пред две недели среде купот пошта пристигна и незначајно писмо од позната издавачка куќа која сакаше да го реобјави мојот расказ „Сирената за магла“ во зборник за средно училиште.

Во него опишав светилник кој ноќе зрачи со „божествена светлина“. Гледањето во него од перспектива на кое и да е морско суштество би создавало чувство дека тоа е во „(Божје) присуство“.

Уредниците го имаа избришано „божја светлина“ и „присуство“.

Пред неколку години уредници на друга антологија за ученици составија том со околу 400 (ги избројав) кратки раскази. Како да натискате 400 кратки раскази од Твен, Ирвинг, По, Мопасан и Бирс во една книга?

Едноставно. Одерете ги, извадите им ги коските, сржта од коските, унаказете ги, истопете ги, понижете ги и уништете ги. Секоја придавка која била важна, секој глагол кој мрдал, секоја метафора која тежела повеќе од комарец - надвор! Секоја споредба која би направила да затрепери устата на подморон - избришана! Секоја белешка која би ja oбјаснила второкласната филозофија на првокласниот писател - загубена!

Секоја приказна, така испоснета, изгладнета, испочкртана и искрварена личеше на која и да е друга приказна. Твен звучеше како По кој звучеше како Шекспир кој звучеше како Достоевски кој - на крај - звучеше како Едгар Гест. Секој збор од повеќе од три слога беше отстранет. Секоја слика која бараше повеќе од моментално внимание беше убиена.

Дали почнувате да ја сфаќате проклетата неверојатна ситуација?

Како реагирав на сето ова?

Со тоа што почнав да мавам по сите.

Со испраќање одбивања на сите страни. Со терање на оваа банда идиоти во далечните ќошиња на пеколот.

Поентата е очигледна. Има повеќе од еден начин да изгориш книга. А светот е полн со луѓе кои шетаат со запалени чкорчиња. Секое малцинство, без оглед дали тоа се баптисти, унитаријанци, Ирци, Италијанци, октогенаријанци, зен будисти, ционисти, адвентисти на седмиот ден, женско либерално движење, републиканци, матачини, пентекосталци...сите тие имаат волја, право и обврска да го истураат керозинот и да го запалат фитилот. Секој глуп уредник кој се гледа себеси како извор на сета таа бесквасна и бесвкусна литература, си ја подмачкува гилотината и се стрви на шијата на секој автор кој се осмелува да го крене гласот повисоко од шепот, или да пишува нешто повеќе од приспивна за деца.

Пожарникарот, капетан Бити од мојот роман „Фаренхајт 451“, опишува како книгите најпрвин биле палени од малциствата, при што секој од нив откинал парче или пасус од книгата, до денот кога книгите биле празни, умовите закатанчени а библиотеките затворени засекогаш.

„Затворете ги вратите, тие влегуваат преку прозорецот, затворете ги прозорците - тие влегуваат преку вратата“, се стихови од стара песна. Тие се вклопуваат во мојот животен стил со новопристигнатите касапи/цензори секој месец. Само пред шест недели открив дека низ годините некои уредници во Балантајн букс, од страв дека ќе ги контаминирам младите, цензурирале парче по парче 75 делови од романот. Учениците, кои нели читаат роман кој се однесува на цензура и горење книги во иднината, ми пишаа за да ми укажат на оваа крајна иронија. Џуди-Лин Дел Реј, една од новите уредници во Балантајн, повторно ќе ја објави книгата ова лето со тоа што ќе ги врати назад сите „недостојни“ места.

Финален тест на приказната за Јов: испратив драма, „Левијатан 99“ на универзитетски театар пред еден месец. Мојата претстава е базирана на митологијата на „Моби Дик“, посветена му е на Мелвил, а се однесува на екипаж на ракета и слеп вселенски капетан кој оди во поход кон Голема бела комета за да го уништи уништувачот. Драмата ќе има премиера во форма на опера во Париз оваа есен.

Но за сега универзитетот ми пиша дека нема да се осуди да ја прикажува мојата драма затоа што - во неа нема жени! И дека дамите поддржувачи на Амандманот за еднакви права од кампусот би дошле со бејзбол палки доколку воопшто се обидат да ја постават.

Чкртајќи со забите, сугерирав дека отсега не би смеело да се прикажуваат „Дечките од бендот“ (без жени) или „Жените“ (без мажи). Или, доколку се бројат мажите и жените, дека голем дел од Шекспир веќе не би бил никогаш виден, особено доколку се бројат стиховите и би се сфатило дека целиот добар материјал оди кај мажите!

Им предложив да ја играат мојата претстава една недела, а следната да ја прикажуваат „Жените“. Веројатно мислеа дека се шалам, но сигурен сум дека бев сериозен.

Затоа што ова е луд свет и ќе стане уште полуд ако им дозволиме на малцинствата, без оглед дали тие се џуџиња или џинови, орангутани или делфини, нуклеарци или екологисти, про-компјутеролози или нео-лудити, прости или мудреци, да се вмешуваат во естетиката. Реалниот свет е игралиште за секоја група и на нив е да ги рушат или да ги носат законите. Но врвот на носот на мојата книга или расказ или песна е крајот на нивните права, тука почнуваат моите територијални императиви и закони. Доколку на мормоните не им се допаѓаат моите драми, нека си напишат свои. Ако на Ирците не им се допаѓаат моите приказни за Даблин, нека си изнајмат дактилографи. Доколку наставниците и уредниците во училиштата сметаат дека моите вилицокршачки реченици им ги уништуваат млечните заби, нека јадат бајато колаче мацнато во слаб чај од нивно погано производство.

Затоа што, да бидеме искрени, дигресијата е душата на луцидноста. Ивадете ги филозофските пасажи од Данте, Милтон или духот на татко во Хамлет, и она што станува се суви коски. Лоренс Штерн еднаш рече: Застранувањата, без сомневање, се сончевината, животот, душата на читањето! Извадете ги, и на секоја страница би владеела вечна зима. Вратете му ги на авторот - тој чекори како невеста, им одмавнува на сите, носи со себе разновидност и не дозволува неуспех.

Да резимирам - не ме навредувајте со обезглавувања, сечења прсти или задушувања кои ги планирате за моите дела. Ми треба главата за да мрдам или да потврдувам со неа, мојата рака за да мафтам или да ја претворам во тупаница, моите бели дробови за да се дерам или да шепотам. Нема да заминам тивко на полицата, обезутробен, за да станам не-книга.

Сите вие арбитри, назад во гледалиштето. Судии, кај тушевите! Ова е моја игра. Јас замавнувам, удирам, фаќам. Јас трчам кон базите. На зајдисонце или сум победил или сум загубил. На изгрејсонце, еве сум пак, обидувајќи се повторно.

И никој не може да ми помогне. Дури ни вие.

извор

1 февруари 2021 - 09:12