Против референдумското прашање изјавија дека ќе се изјаснат голем број хрватски јавни личности, музичари, филмаџии и писатели. Хрватскиот ПЕН центар завчера закажа прес конференција на која требаше да биде соопштен и неговиот негативен став. Но таа беше прекината од еден нивен колега - писател.
Предраг Раос (1951) е тој хрватски писател и преведувач, а - ќе видите зошто е ова иронично - по образование хемичар. Во 1970-тите лежел во затвор заради учеството во Хрватската пролет. Во писателска смисла неговите романи главно спаѓаат во жанрот на научната фантастика, но онаа „меката" во која преовладуваат филозофски, а често и морализаторски теми - научнофантастичниот роман за деца „Од војна до ѕвездите" (1996) е едно од првите дела на тема на војната во Хрватска.
Тој редовно се појавуваше во емисијата на Жељко Малнар „Ноќна мора", а имал и своја емисија на ХТВ под наслов „Пирамида". Познат е и по импресивниот список преводи на хрватски на значајни дела од светската книжевност - од Алиса на Луис Керол, преку Неуромансер на Гибсон, Жени на Буковски, Кинг инк на Ник Кејв, плус Бредбери, Кинг, Фром, Лукас...
Е истиот тој на споменатата конференција почнал вербално да ги навредува организаторите, дерејќи им се да „пушат к.." и „баби, ќутете", а потоа со солзавец (можеби од домашно производство) го испрскал најпрвин претседателот на Хрватското друштво на писатели, а потоа и секретарката на ПЕН и познатиот писател Предраг Матвеевиќ (на сликата). Тие инцидентот го припишале на „психолошките проблеми" на Раос, но факт е дека токму од нив - проплакале.
Се обидовме на овој лик да му најдеме наш, локален еквивалент. Ама радикален конзервативец кој пишува филозофска научна фантастика, ги преведувал Гибсон, Ник Кејв и Буковски, знае да направи солзавец и има вакво капче? Еве, не знам..