Строгото придржување кон принципот на тајност на Нобеловите комитети довело до необични ситуации во текот на годините. На пример, и покрај тоа што Фондацијата Нобел предвидува наградите да им бидат доделени само на живи добитници, канадскиот имунолог Ралф М. Штајнман во 2011 ја добил постхумно. Комитетот за медицина знаел дека човекот е на умирање од рак на панкреас, но поради принципот на тајност не можеле да му се јават за да прашаат до каде е работата. Откако бил прогласен за добитник излегло дека веќе три дена бил мртов. Но со оглед на тоа дека бил жив кога била донесена одлуката, таа не била преиначена.
Уште еден пример со многу поголеми последици е поврзан со нацистичка Германија. Таа, добивајќи тајни информации за добитниците-Германци, создала голем број проблеми за лауреатите, па дури инспирирала и номинација за Нобелова за мир за Хитлер.
Во 1939, британскиот премиер Невил Чемберлејн бил номиниран да ја добие истата за својата улога во преговорите за Минхенскиот договор, со кој дел од Чешка ѝ припаднал на Германија. Во знак на протест, 12 членови на шведскиот парламент во ироничен чин го номинирале Хитлер за наградата. Номинацијата подоцна била повлечена бидејќи не сите ја сфатиле сатирата.
Како реакција на ова, Хитлер набрзо бил тој кој натерал три германски научници да се откажат од своите награди во текот на Втората светска војна. Ричард Кун, Адолф Бутенанд и Герхард Домаг подоцна ги добиле своите медали и дипломи, но не и парите. Домаг всушност испратил телеграма до Нобеловиот комитет во кој им заблагодарил за признанието, но откако бил фатен од германската тајна полиција и бил во затвор една недела, им испратил втора порака со која ја одбил наградата. Ваквата завршница се должи на тоа што некој (можеби дури и внатре во Кралската академија?) и покрај принципот на тајност ја обелоденил информацијата дека Догмаг е добитникот на Нобеловата за физиологија и медицина за таа 1939-та година. Тој бил прв во историјата на Нобеловата кој ја одбил истата, иако под притисок. Сепак ова поттикнало дискусии за промена на процедурите и воведување на протоколи кои би важеле во таков случај.
Во 1915 излегла гласина (што би рекле денес „фејк њуз“), и тоа ни помалку ни повеќе пренесена од Ројтерс, дека Нобеловата за физика ќе им биде доделена заеднички на Едисон и Тесла. Всушност добитници таа година станале Вилијам Хенри Брег и Вилијам Лоренс Брег за анализата на кристалните структури со икс-зраци. Во коментарите кои следеле имало и претпоставки дека Нобеловиот комитет им ја доделил наградата на Тесла и Едисон, но дека неговите членови се премислиле откако едниот од нив (наводно Тесла) не сакал да ја дели со другиот. Но овие гласини до денес не се потврдени.
Во текот на годините се случувале и грешки - Нобеловиот комитет по грешка се јавил на чистачот на теписи од јужна Калифорнија Доналд О. Крем, обидувајќи се да му објасни дека токму тој е добитник на Нобел за хемија. Всушност требало да му се јават на хемичарот Доналд Џ. Крем, кој живеел во истата држава.
Инспирирано од денешното протекување на информацијата за добитниците на Нобел за хемија