Според Лорејн Дастон постојат три трајни видови правила: алгоритми кои пресметуваат и мерат; закони кои владеат и модели кои подучуваат. Во нејзината книга „Правила: кратка историја на она кон што се придржуваме“ (2022) таа илустрира како низ историјата правилата можат да се променат и како она што најпрвин изгледало како одбивно правило може да стане вообичаена норма. Правила се воспоставени за речиси секоја животна активност и тие се во опсег од детални регулативи до закони на природата. Дастон „копа“ низ овој куп и покажува кога тие функционираат а кога не и зошто некои филозофски проблеми поврзани со нив се исто толку древни како и самата филозофија.
Освен горната поделба Дастон нуди уште една - на „дебели“ и „тенки“ правила. Дебелите се оние за чие спроведување е потребно искуство, бидејќи содржат голем број исклучоци и специфични ограничувања. Примери за ова се шаховски или воени правила. Наспроти нив, тенките се експлицитни и имаат јасни граници. Нивната цел е да бидат применливи во сите ситуации внатре тие ограничувања. Не им се потребни примери или предупредувања; не им треб ни искуство или мудрост за да бидат применети. Директни и генерални, тие се сметаат за универзални и функционираат во сите случаи во кои се применети - а тука пред сè спаѓаат геометријата и алгебрата.
Според Дастон, „дебелите“ правила доминирале во Европа до доцниот среден век. На пример, еден опат во манастир од седмиот век кој го применувал Правилото на св. Бенедикт (книга со упатства за монаси кои живеат во заедница под раководство на oпат) имал голема слобода во неговото толкување, всушност токму тоа и се очекувало од него. Дури откако ќе ги разберел специфичностите на одреден случај, тој можел да одлучи дали и како ќе го примени Правилото. Ова подразбирало мудрост и способност да се расудува по аналогија.
Промената настапила во раниот модерен период, вели Дастон, кога „потенките“ правила почнале да надвладуваат. Тие ја намалувале можноста за лоши исходи. Новите правила се уште подразбирале просудување и искуство, но ја систематизирале активноста до одреден степен и на тој начин донесувањето одлуки било поуниформно и попредвидливо.
Тука спаѓаат пред се правилата за облекување, сообраќај, како и правописните и граматичките правила. Ништо од сето ова не можело да се прилагоди на желбата и толкувањето на поединците, што значело дека тие обезбедувале некаква стабилност. Без сообраќајни закони, на пример, експлозијата на бројот на улични кочии во големите градови можела да доведе до хаос. Само прецизни, директни и недвосмислени правила кои би биле применливи во сите ситуации можеле да обезбедат ред и стабилност за урбаниот живот да може да опстане и за да се развива капитализмот.
Но освен оваа генерална тенденција, голем дел од историјата на правилата е всушност формирана преку принцип на проба и грешка, со рафинирање или замена на лошите правила, а не со нивно игнорирање. Според Линколн најдобриот начин да се излезе на крај со лошото правило е или тоа веднаш да се искорени или строго да се применува. Во вториот случај тоа ќе создаде толку голема јавна реакција што тоа на крај ќе биде укинато.
Види претходно и: Правилосоздавачи и правилокршачи: теоријата на стегнати и лабави култури