Мишел Гелфанд е психолог на Универзитетот во Мериленд, која ги истражува културите од аспект на обемот во кој тие наметнуваат правила и казни за непридржување кон нив. „Стегнатите“ култури, во кои според неа спаѓаат Јапонија, Сингапур, Германија или Австрија, се поориентирани кон правила во сите домени, без оглед дали се тие пишани или не. Од друга страна, земји како Бразил, Холандија, Нов Зеланд и оние од целиот Медитеран, се по „лабави“. Иако, се разбира, во сите овие земји постојат области кои се порегулирани од други, во зависност од приоритетите на општеството.
Гелфанд во својата книга од 2018, "Rule Makers, Rule Breakers: How Tight and Loose Cultures Wire Our World" („Правилосоздавачи и правилокршачи“) проучува како различни култури („култури“ во најширока смисла на зборот, опфаќајќи и семејства и компании) се фокусираат на правила или пак, спротивно, оставаат „луфта“ за слобода на однесување на нивните членови. Притоа таа зема предвид 33 држави и неколку релевантни варијабили, како на пример густината на населеност или зачестеноста на природни катастрофи.
Еден од резултатите е дека по „стегнатите“ системи по правило се оние кои имаат поголема густина на населеност, и историски минале низ голем број предизвици, и во смисла на природни катастрофи и на историски превирања. Оттаму, правилата се наметнуваат како превенција за одбрана од закани и како метод на координација - во услови на пренаселеност и потенцијални поплави или земјотреси потребно е луѓето да следат правила и да покажуваат почит кон авторитетите. А таквата тенденција е резултат на долготрајно воспитување и дисциплинирање во оваа смисла, и не може да се наметне преку ноќ.
Секако, стегнатоста или опуштеноста имаат и добри, но и лоши страни. Во првиот случај политичкиот естаблишмент може да слизне во тоталитаризам и да наметнува правила и онаму каде што нема потреба за тоа. Во „стегнати“ култури има и многу повисок степен на авторегулација, односно потиснување на сопствените нагони (помалку коцкање, помалку долгови, дури и помал број луѓе со прекумерна тежина). Но менаџирањето со внатрешните импулси за дел од населението може да е тешка задача, па ваквите норми да предизвикуваат анксиозност, дури и самоубиства. Отворените култури се поизложени на ризици (токму поради сопствената „лабавост“ и отвореност), но во нив пак може повеќе да дојде до израз креативноста и спонтаноста. Исто така во нив има помалку простор за стигматизација и дискриминација на „поинаквите“.
Ова го покажало еден од експериментите на Гелфанд, кој се состоел од испраќање на нејзини асистенти низ светот кои носеле вештачки брадавици, тетоважи, пирсинзи и розеви перики, и така маскирани барале помош на улица. Потоа истото го повториле со нивните „нормални“ лица. Во вториот случај им било помогнато насекаде. Но стегнатите култури биле многу помалку склони да им помогнат на луѓе кои изгледале необично и бизарно (согласно стандардите на тие култури) во првиот случај.
Секако, има и примери на земји каде некои области се многу лефтерни, а други крајно ригорозно нормирани. Таква е на пример Израел, но причините за ова според авторката е што тоа е прилично шаренолика култура, која овозможува лабавост во некои сфери токму заради тој диверзитет. Но има области - државна безбедност, религија - каде нема мрдање од правилата.
По сличен принцип може да се разликуваат и компаниите, или деловите од компании. Онаму каде што има помалку ризик по нивното работење и каде има поголем диверзитет и мобилност, тие се полабави. Во области каде безбедноста мора да биде на високо ниво, и најмали грешки можат да имаат големи последици (авионски сообраќај, компјутерска безбедност и сл.) таму мора да има прецизни протоколи. Но во одделни сфери на компаниите им е потребно и тоа, и тоа - и оддели кои ќе бидат „лошите“ (на пример човечки ресурси), и „креативци“ на кои може да им биде дозволено да доцнат на состаноци или да не почитуваат рокови, но од кои се очекува да мислат надвор од шаблоните.
Сепак, во моменти на универзална закана, потребна е извесна нивелација, промена на културолошкото програмирање на „лабавите“, така за тие да се согласат да се откажат од дел од слободите на кои се навикнати во име на здравјето. Кај култури каде личната слобода е промовирана како врвна демократска придобивка, ова е многу тешко да се оствари, особено ако политичкиот естаблишмент испраќа спротивни пораки. Таков според авторката е случајот со САД, каде некоординираноста и конфликтноста на ситуацијата произлегува токму од овој елемент.
Интервју со авторката, со повеќе детали за нејзините истражувања, на подкастот на NPR, The Hidden Brain (49 мин.)