Концептот на „стори фуд" е да понуди невербална нарација, која е раскажана преку сетилото за вкус. Предизвикот на готвачите што се занимаваат со него е да создадат вкусови кои успеваат да пренесат порака, но кои се истовремено и пријатни за непцето.
Најистакнат пример на овој тренд во Лондон е Том Селерс, 26-годишен готвач од Нотингем, чиј ресторан, „Приказна", освои Мишелин ѕвезда само четири месеци откако се отвори минатата година. Во сенката на Тауер Бриџ, необичното место до неговото реновирање било - јавен тоалет! Гостите се замолуваат да донесат книга по нивен избор и да ја остават во ресторанот, а на сите маси има роман на Чарлс Дикенс, во чест на неговите локални ликови како Оливер Твист и Малата Дорит.
„Храната е поврзана со спомените. Сметам дека кога и да јадеш нешто, без оглед дали е тоа во некој ресторан со три ѕвездички или на обичен штанд, потсвесно твојата меморија го поврзува тоа со некое претходно искуство", вели Селерс. „Го нареков мојот ресторан Приказна затоа што сакав да ја нагласам нарацијата и раскажувачката страна на храната, а на крајот на краиштата тоа е и мојата приказна, затоа што веќе 10 години готвам во некои од најдобрите ресторани во светот".
Секое од 10-те јадења во ресторанот раскажуваат некаква приказна, без оглед дали е тоа од личната меморија на готвачот, на пример мирисот на изгорен кромид, или некоја позната бајка. Најинтересна е асоцијацијата на „Снежана", јадење кое е едноставно наречено „Сирово говедско, јаболко и перигорд тартуфа". Јаболкото пристигнува на астал поставено на „кревет“ од мраз, со маглина која се крева околу него, а се прави со течен азот. Но кога ќе го кренете капачето издлабено во јаболкото, внатре има нешто што личи на темни алги, а всушност се црни тартуфи со тартар бифтек под нив.
„Луѓето често пати погодуваат за која приказна се работи и без да им кажам. Маглата треба да означува враќање кон шумите. Ја имав оваа сцена во главата, особено додека работев во НОМА, еден од водечките ресторани во светот, заради данските шуми", додава Селерс.
Сличен, но малку поапстрактен пристап има и Масимо Ботура (на фотографијата), најпрославениот шеф во Италија, чијшто ресторан Остериа Франческана во Модена неодамна доби три ѕвездички од Мишелин. На почетокот од ресторанското мени тој има ставено цитат од Марсел Пруст за колачето мадлен, кое е првото нешто на кое помислува секој љубител на книги кога се работи за врската помеѓу храната и раскажувањето. Приказните кои ги раскажуваат јадењата на Ботура имаат врска и со уметноста воопшто, па така неговото бизарно Зајак во шуматае инспирирано од забелешка која наводно ја направил Пикасо кога видел камуфлиран камион како поминува низ Париз во Првата светска војна - „Ние го измисливме ова! Ова е кубизам!".
Еден десерт пак на Ботура се вика „Упс! - ми падна тартата со лимун", и тој е буквално инспириран од случајно паѓање на колачето, па јадењето изгледа како смачкано, што е отпор кон совршениот изглед на храната во чинијата, што често нема голема врска со нејзиниот вкус.
И во други делови од светот врската помеѓу храната и приказните кои таа може да ги раскаже полека се откриваат. Во Шангај ресторанот „Ултравиолетово" е сместен во стара фабрика каде десет гости седнуваат во „контејнер", околу кој потоа се проектираат слики, додека тие си земаат храна од кошница за излет. Цената на менито е 500 британски фунти по лице, а за резервација се чека со месеци.