Канадскиот писател и уметник Даглас Купланд, најпознат по неговата книга „Генерацијата Икс: приказни за една забрзана култура", кој истовремено се бави со визуелни уметности, сака да направи огромна бронзена скулптура од главата на Ван Гог. За тоа му е потребен жив модел, кого се обидува да го најде преку сајтот iamvincent.com, на кој се одвива глобална потрага по двојник на сликарот. Веќе има доста пријавени кои личат на сликарот онаков каков што го знаеме од неговите автопортрети, а може и да гласате за вашиот фаворит.
Ова за Купланд сепак не е само „обична" потрага по некој сличен на Винсент. Тој е повеќе заинтересиран за феноменот на црвената коса, кој е најскорешна успешна човечка мутација. Црвенокоси се помеѓу 1-2 проценти од светската популација, а во северна Европа и западните земји оваа бројка може да изнесува и до 6 проценти. Се проценува дека најмногу црвенокоси има во Шкотска, дури 14%.
Мутацијата се појавува кај луѓе кои имаат две копии на рецесивна алела на хромозомот 16, што е комплициран начин за да се каже дека нема начин да се предвиди кога некој ген ќе се промени. Ова за Купланд е симбол на генетската магија, на микрокосмос во кој сиот живот на Земјата се менува со тек на времето. Оттаму, главата на Ван Гог би требало да поттикне дискусија за врските помеѓу науката, уметноста и глобализацијата и промените кои таа ги подразбира. Ова ќе биде само прва од серија нарачани монументални скулптури под наслов „Црвенокоси".
Претходна монументална скулптура на Купланд беше негов автопортрет, „Гамхед", на кој минувачите беа поттикнувани да лепат мастики за џвакање. Така од топлото со текот на времето скулптурата станала купче леплива материја, без трага од контурите на лицето на авторот.