Гледанка

„Теорија за сè" (2014)

„Зошто Хокинг ја одбил титулата витез од кралицата?" - со доза на чудење прашав на одјавата на филмот. „Затоа што не можел да клекне" - објасни присутниот физичар во собата.

Утопија (ТВ серија, 2013-)

Има нешто бизарно во тоа фатен од ишијас, цела недела неизлезен од дома и под седативи, паралелно да следиш снимки од седници на Собраниски комисии, и серија каква што е оваа. Дури и откако ќе се кренеш на нога, сè уште не ти е баш избистрено - што е тука (негативна) утопија, а што реалност.

„Св. Винсент" (2014)

Иако на моменти балансира на фината граница на мелодрамата, филмов не може а да не ве освои. Причина: во него игра Бил Мареј, и тоа во тандем со едно преслатко дете.

„Левијатан" (2014)

Има две работи кои можат да помогнат во толкувањето на овој филм: истоименото дело на Томас Хобс, библиската приказна за Јов и митолошката слика за Левијатанот. Но и без ништо од сето ова, трагичната приказна за беспомошноста на малиот човек пред корумпираното и аморално чудовиште од систем не може а да не ве допре.

„Задоволство" (1952)

Базиран на три раскази на Ги Де Мопасан, филмов делува неверојатно свежо, и по темата и по начинот на кој е сниман. Дали нешто се променило од крајот на 19. век кога се во прашање „цивилизираните“ мажи и лажниот морал воопшто? Не баш. 

„Г-дин Никој" (2009)

„Зошто сум јас јас, а не некој друг?" е едно од прашањата кои ни ги поставува филмов. Но многу потешкото е - дали кога би го знаеле одговорот би биле задоволни од oна што сме станале?

„Момчештво" (Boyhood, 2014)

За што се раскажува во овој филм? За едно момче. И тоа не би било ама баш ништо посебно, доколку не сте сведок на неговото реално растење, и тоа за 12 години во текот на три часа.

„Легендата за 1900" (1998)

Спојот на перото на Алесандро Барико и режисерскиот фат на Торнаторе не може да даде лош филм. Она што може да се случи е да се остане на површината на толкувањето на благо мелодраматичната приказна. И тука ептен да се утне.

„Луси" (2014)

Нешто како мешавина на Матрикс, Трансформери и Којанискватци, филмов помеѓу сето тоа „пињау-пињау" и нишањето на колковите на Скарлет Јохансон има и една хумана порака - дека секој има обврска на човештвото по себе да му остави eдно УСБ, полно со знаење. Или барем ЦД со латино. 

„Во дивината" (2007)

Напишана и режирана од Шон Пен по книга на писателот и планинар Џон Кракауер, ова е вистинска приказна за момче кое одлучува да се одметне, живеејќи во дивините на Аљаска. Филм за сите оние кои некогаш помислиле да ги „снема", ја читале „Валден" и ја сакаат музиката на Еди Ведер.

„Различните“ (Divergent, 2014)

Колку варијанти на дистописки книги претворени во филмови, кои зборуваат за тинејџери кои го предизвикуваат системот со своите востанички потфати можете да поднесете? Што се однесува до нас, ако главниот лик е женско на граница на супер-херој, колку сакате. Па уште ако вешто ракува со студено оружје...

The Snowpiercer (2014)

Футуристичка трилер-акција во стилот на Матрикс или Игри на гладта, со дизајн како кај Вес Андерсон, и со алегориски и сатирични тонови, кои лесно ќе ги препознаете. Особено ако сте од задните вагони на возот кој забрзано ита, кон никаде.

„Монти Пајтон (главно) во живо" (02 Арена, Лондон, 20. јули 2014)

„Кој ќе речеше пред 45 години дека денес ќе седиме тука и ќе настапуваме како Монти Пајтон" - вака Ерик Ајдл го отвори шоуто, кое беше десети настап на пајтоновци во арената О2 во Лондон ова лето, и (наводно) финален за вјек и вјеков.

„Спрингстин и јас“ (2013)

Повеќето критики за филмот велат дека тој има смисла само ако сте фан на Шефот. Но ако само малку го проширите визирот, тој е славење на музиката воопшто, на нејзината моќ да ви влезе под кожа и да влијае врз вашиот живот, онака како што музиката на Брус повлијаела врз неговите фанови, кои се вистинските автори на филмот.

Адвокатот (2013)

Филм на Ридли Скот со Мајкл Фасбендер, Пенелоп Круз, Камерон Дијаз, Бред Пит и Хавиер Бардем. Зарем може тука нешто да тргне наопаку? Епа може.

„Непријател" (2013)

Ти кажуваат дека филмот е за човек кој случајно сфаќа дека има двојник. Ментално го сместуваш во жанр трилери, и цел филм ги пропушташ сите можни хинтови кои упорно ти посочуваат на нешто друго. На последната сцена сфаќаш. Дека треба да го почнеш од почеток.

„Да се биде во светот“ (2010)

Филозофски документарец кој се обидува да одговори на едно навидум едноставно прашање - што бараме тука?

„Ноќно стражарење" (2007) и „Рембрантовото J'Accuse" (2008)

Во 2006, во рамките на одбележувањето на 400 години од раѓањето на Рембрант во Холандија, Гринавеј почнал долгогодишен проект, кој вклучувал опера, игран филм и документарец посветени на овој сликар. Поточно на една единствена негова слика.

„Небраска“ (2013)

Сенилен ветеран од Корејската војна добива едно од оние лажни писма за награда. И тргнува да си ја подигне, од Монтана до Небраска, вкупно 1500 километри. Сам. И пешки.

Vive la France! (2013)

Aко сте го гледале Борат (а сте го), тогаш филмов нема да ви биде нешто. Ама тоа што сатирата овој пат е насочена не кон САД, туку кон Франција, е доволна за европски сеир.

„Продавница за самоубиства" (2012)

Цртан филм кој ќе ве разведри со својот мрачен хумор. Не, стварно.

„Во главата на Луин Дејвис", или што значи мачката?

Ако пред-дилановската сцена на Гринич Вилиџ не ви прави мерак, и ако саундтрак сам по себе не ви е доволен за да прогласите некој филм за добар, тогаш овој не е за вас. Единствено може да помогне ако сакате мачки.

Руби Спаркс (2012)

Убав филм на една стара тема, за врската помеѓу писателот и ликовите кои тој ги создава. Но и за тоа колку љубовта е оправдување за тоа од некого да бараме да биде нешто што не е.

„Хана Арент" (2013)

Биографски филм за една од најзначајните (женски) фигури во историјата на филозофијата на 20. век, чии ставови за „баналноста на злото" би требало да бидат сфатени сериозно и денес.