Макс Офулс (1902-1957), роден како Максимилијан Опенхајмер, бил германски режисер, но по бегството од родната земја заради еврејското потекло за време на нацизмот работел и во Франција и САД. Направил 30-тина филмови, меѓу кои од холивудскиот период најпознат е „Писмо од непознатата жена" според новела на Штефан Цвајг, а од францускиот период контроверзниот „Круг" според драмата на Артур Шницлер, кој заради прикажувањето на промискуитетот во тогашните виенски кругови бил обвинет за порнографија. Филмот во 1951 ја освоил наградата БАФТА. Но подеднакво успешен од овој период бил и следниот,„Задоволство" од 1952, базиран на три раскази на Ги Де Мопасан, којшто како да ја продолжува дискусијата за телесните задоволства и машко-женските односи, а истата година бил номиниран за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
Во критиката кон него објавена во Њујорк Таjмс во тоа време, се вели: „Три боцкави, иронични коментари за природата и конвенциите на цивилизираниот маж - барем на цивилизираниот Французин околу 1890-та". Но расказите, односно трите дела на филмот, зборуваат за машко-женската психологија и природата на задоволствата воопшто, и она што воодушевува е што иако и од Мопасан и од Офулс нè дели бајаги време, ништо, ама баш ништо не се сменило.
Во првиот дел, „Маска" еден маскиран човек доаѓа на игранка, но по многу скокање и пиење се затетеравува и паѓа во несвест. Докторот кој е повикан да се погрижи за него откако му ја вади маската сфаќа дека всушност се работи за старец, и едвај успева да го однесе до дома. Сопругата му објаснува дека ова не е прв пат мажот ѝ да снеможи, преценувајќи си ги силите, но истовремено не можејќи да се помири со староста, која божем ја крие маскирајќи се во младич.
Втората прикаска, „Куќа на задоволствата" е најдолгата, и се однесува на бордел во мал град, каде и покрај наводниот граѓански морал често свратуваат сите што нешто значат - судии, бизмисмени, па дури и самиот градоначалник. Еден ден борделот се затвора, и помеѓу муштериите се случува вистинска паника. Под претпоставка дека полицијата е виновна, тие ги пцујат „органите на редот", не знаејќи како поинаку да ја минат саботната вечер. Но она што исто така не го знаат е дека целата екипа проститутки се на семејна веселба на внуката на газдарицата, и дека борделот не е затворен на сила, туку привремено, на еден единствен ден. Сцените во кои проститутките се во селската црква, присутни на првата причест на внуката на Мадам со солзи во очите е едноставно прекрасна во својата истовремена трогателност и сатиричност. Веќе следната вечер тие се назад во градот, носејќи огромно олеснување кај засегнатите, кои со трчање стануваат од неделната семејна трпеза за да бидат со веселото друштво.
Третата приказна е за сликар кој се заљубува во неговиот модел. Иако од почеток нивната врска е идилична, по некое време, откако почнуваат да живеат заедно, убавата девојка почнува да го нервира. По една голема караница, таа се фрла од прозорец и ги крши двете нозе. Тој пак од грижа на совест сепак ја зема за жена и останува со неа. Антологиски е заклучокот на нараторот, кој вели: „Тој сепак доби љубов, слава и пари". „Нели е тоа среќа?" - го прашува соговорникот. "Le bonheur n'est pas gai", oдговара тој. Или, среќата не е - весела.
Питер Устинов кој му го позајмува гласот на Мопасан и Жан Габен како главен лик во еден од деловите се најпознатите актери во филмот, кој делува необично свежо и по содржината и по начинот на кој е сниман, со неверојатни движења на камерата за тоа време, по кој бил познат Офулс. Еве извадок од патувањето со воз на борделската екипа, кој можеби ќе ве мотивира да го погледнете целиот. Иако е црно-бел, тој прикажува неверојатно живописна палета на човечки слабости и стравови, од кои си страдаме и денес.