Чангез Кан (чие име Американците во филмот го изговараат Чејнџис) е професор на Универзитетот Лахоре, кого го запознаваме во локална чајџилница, каде се собираат членови на некакво пакистанско активистичко движење. Моментот е тензичен заради киднапирањето на професор-Американец, колега на Чангез, за чија глава киднаперите бараат пуштање на слобода на 690 затвореници од муслимански концентрационен камп. Еден новинар, кој е истовремено таен информатор на ЦИА во Пакистан, договара интервју во чајџилницата со Чангез, за кого се сомнева дека е инволвиран во случајот. Озвучен е, и во трка со времето, но сепак е принуден да ја слушне животната приказна на неговиот соговорник пред да почне да го распрашува околу актуелниот настан.
Приказната пак излегува посложена отколку што изгледа на прв поглед. Само неколку години претходно Чангез, избричан и во одело, по дипломирањето на Принстон добива место во Андервуд Самсон, престижна фирма на Вол Стрит. Екстремно интелигентен, размислувајќи „вон кутијата", тој ја добива довербата и наклонетоста на неговиот надреден, кој многу бргу го промовира во партнер.
Но настаните од 9/11 менуваат сè. Чангез е редовна мета на полициски прегледи, кога без никаков повод е малтретиран, дури и со ректални прегледи. Истовремено, се менува и неговиот однос со дотогашната девојка, која својата врска со некој на кого средината, само заради различната боја на кожа и акцент реагира како на потенцијален терорист, ја користи како основа на „уметнички проект". You are recless - ѝ вели тој на девојката, употребувајќи збор кој е тешко преводлив на македонски, а содржи мешавина на безобѕирност, етичка релативизација, егоцентричност и немарност, со тоа сумирајќи го своето мислење за цела една (западна) култура и нејзините вредности.
Ова е само вовед во конечното раскинување на врските со таа иста култура - следниот чекор е давањето отказ и од фирмата, откако Чангез одбива да изврши една професионална задача, да ликвидира финансиски безвредна издавачка куќа во Истанбул, за која открива дека ја објавила на турски поезијата на неговиот сопствен татко. Јазот помеѓу него и колегите до тогаш е веќе голем, и тоа навидум заради еден банален детал - тие не го одобруваат неговиот нов, брадосан имиџ.
Вртејќи ѝ го грбот на културата на која до тогаш ѝ се восхитуваше, тој се враќа во Лахоре, и иако веќе не е истиот човек се обидува да се поврзе со своите корени и со вредностите на сопственото милје. Неговите предавања имаат антикапиталистички и оттаму антиамерикански тон, иако првата реченица која Чангез ја изговара во филмот не звучи лажно. „Изгледот може да мами", вели тој. „Јас ја сакам Америка". Од друга страна, кога нему набргу му се нуди можност да се приклучи на терористичка ќелија и да стане „муџахид", тој за малку се одлучува за ваквиот чекор, сè до моментот кога неговиот контакт не ја изговара клучната реченица - дека тероризмот има врска со „фундаменталните вистини во Куранот", истиот израз кој долго време го слушаше во слепата капиталистичка економија на Андервуд Самсон во која му беше кажувано да се „фокусира на фундаменталните вредности". Истата редукционистичка логика, со истите погубни ефекти.
Чангез не станува терорист, но тоа не е причина да не биде третиран како таков, дури и во сопствената земја, од новинарот, кој е во уште полоша идентитетска ситуација, со години заглавен во туѓа земја, без пријатели и семејство, кој иако навистина дошол во Пакистан за да известува, по 9/11 бил убеден во исправноста на американската политика на Блискиот исток.
Филмот од тука натаму добива на темпо, картите се отвараат, а тензијата во чајџилницата се зголемува. Кулминацијата се случува кога новинарот добива порака со слика на убиениот киднапиран професор (патем, исто така таен агент). Убеден дека ова е потврда дека Чангез со муабетот го мафтал за да добие на време, тој им дозволува на Американците да нападнат, при што е убиен младиот асистент на Чангез. Како во античка трагедија, филмот завршува со ваквото песимистичко погребување на иднината на разбирачката помеѓу двете култури, чиј јаз изгледа како само да се зголемува.
Поврзано со темата - за еволуцијата на терминот „фундаментализам“ и неговото погрешно (?) современо толкување тука