Кертис Ли Лос (Curtis Lee Laws), баптистички уредник на списанието The Watchman-Examiner го создал терминот „фундаменталист", со значење „подготвен да води голема битка за Фундаментите на верата". Во серија од 12 текстови под наслов „Фундаментите: сведоштво за вистината", тој ги бранел темелните вредности на христијанството, како непогрешливоста на Библијата, безгрешното зачнување на Исус и неговото буквално враќање. На тој начин се вклучил во тогаш актуелниот конфликт помеѓу христијанските фундаменталисти (конзервативците) и модернистите, во кој првите тврделе дека модерните теолози погрешно толкуваат и отфрлаат одредени доктрини, со што ја вулгаризираат верата и ги водат нејзините припадници во погрешна насока. „Фундаментализмот е протест против рационалната интерпретација на христијанството, која се обидува да го дискредитира натприродното", напишал Лос.
Но откако влегол во англискиот јазик во дваесетите години на минатиот век, терминот „фундаменталист" еволуирал, за во 21-от да добие значење на ригидна ортодоксија, односно религиски екстремизам од каков и да е вид. Со тоа се создава впечаток дека „фундаментализмот" е некакво изедначено движење во целиот свет, коешто се разликува само по тоа од која вера произлегува.
Ханс Јансен, холандски истражувач кој често е критички настроен кон исламизмот, во неговата книга од 1997, „Дуалната природа на исламскиот фундаментализам" на оваа тема пишува:
Во доцните 1970-ти и во текот на 1980-тите бевме сведоци на неплодна дискусија околку тоа дали е соодветно да се користи терминот фундаментализам за настани кои се случуваат во исламскиот свет. Да не е терминот премногу едноставен за да изрази толку сложен феномен? Но дискусијата за овој збор личи на онаа која некогаш била поттикната од пронаоѓањето на телефонот. Нели терминот телефон е премногу едноставен? Нели би било праведно тој да има некое друго име кое би ја опишало убавината и сите можности на апаратот? Што е со 'зборувачки телеграф' или 'електричен говорен телефон'? Слично на тоа, излегува дека за зборот 'фундаментализам' да го нема христијанскиот тон во исламски контекст, би требало фундаменталистите да ги нарекуваме 'револуционерни екстремисти неотрадиционалисти ултра-исламски радикали'.
Но Халид Јахја Бланкшип, муслимански истражувач на исламот, во неговата „Фундаментализам: перспективи на оспорувана историја" зазема поинаков став:
Кога овој термин почна да се применува за различни трендови помеѓу муслиманите во 1970-тите, наскоро можеше да се најде и кадешто му беше местото, и кадешто не беше соодветен. Што подразбираа оние кои го употребуваа во тоа време остана прилично нејасно. Откако почна да се применува на не-христијани, особено на муслимани, неговата кохерентност се загуби, бидејќи различните коментатори го користеа прилично слободно за да опишат различни тенденции и трендови. Резултатот е што денес постои забуна околку различните дефиниции, кои често се меѓусебно исклучиви.
Очигледно веќе не постои едно - фундаментално - значење на зборот „фундаменталист". Со него може да се опише и оној кој фундаментално го познава и го брани она за што се залага, но и оној кој слепо се држи за некое толкување, покажувајќи фундаментално незнаење за што станува збор.